Ирански хакери до кампањата на актуелниот американски претседател Џо Бајден испратиле доверливи информации украдени од кампањата на неговиот ривал Доналд Трамп. Хакерите испратиле мејлови на луѓе поврзани со тогашниот демократски кандидат во обид да се мешаат американските избори што треба да се одржат годинава, соопштија ФБИ и други американски агенции.
ФБИ на 12 август потврди дека ја истражува жалбата од претседателската кампања на Доналд Трамп за тоа дека Иран хакирал и дистрибуирал мноштво чувствителни документи од кампањата. На 19 август разузнавачките претставници потврдија дека Иран стои зад хакирањето, пренесува Гардијан.
Сè уште нема индикации дека некој од примателите во предизборниот тим на Бајден одговорил на мејловите на хакерите. Неколку медиуми кои во текот на летото ги добиле протечените украдени информации, исто така изјавија дека не одговориле.
Претседателската кампања на Камала Харис ги нарече овие мејлови испратени од Иран „недобредојдени и неприфатливи злонамерни активности“ кои ги примиле само неколку луѓе што ги сметале за спам и измама.
Мејловите биле примени пред јавно да се потврди хакирањето на кампањата на Трамп и нема докази дека примателите на мејловите го знаеле нивното потекло.
Од Иран негираат вмешаност во американските работи. Од иранската постојана мисија во Обединетите Нации во Њујорк изјавија дека последните обвинувања се „фундаментално неосновани и целосно недозволиви“.
Американски функционери во последниве месеци користеа кривични пријави и санкции за дејствијата преземени од странски противници кои се обидуваат да влијаат на изборите, вклучително и обвинение насочено кон тајните руски напори за ширење на проруска содржина до американската публика.
Во случајот со вмешаноста на Иран, хакерите кон крајот на јуни и почетокот на јули испратиле мејлови до луѓе кои биле поврзани со кампањата на Бајден пред тој да се откаже од претседателската трка.
Мејловите содржеле „извадок од украден, нејавен материјал од кампањата на поранешниот претседател Трамп како текст во мејл“, се вели во соопштението објавено од ФБИ, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и Агенцијата за сајбер безбедност и инфраструктура во САД.
Од кампањата на Трамп за овие протекувања се изјаснија дека се „дополнителен доказ дека Иранците активно се мешаат во изборите“ за да ѝ помогнат на Харис.
Претставници на разузнавањето рекоа дека Иран се против реизборот на Трамп, зашто сметаат дека е поверојатно тој да ја зголеми тензијата меѓу Вашингтон и Техеран. Администрацијата на Трамп го заврши нуклеарниот договор со Иран, повторно воведе санкции и нареди убиство на иранскиот генерал Касем Сулејмани, чин што ги поттикна иранските лидери да ветат одмазда.