Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), како организатор на Балканската Олимпијада по Информатика (БОИ) ги презентираше клучните детали од претстојното 31. издание на овој настан. Балканската Олимпијада по Информатика е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа.
Овогодинешното, 31. издание на Балканската олимпијада по информатика ќе се одржи во Охрид, од 20 септември до 26 септември. Годинава на БОИ ќе учествуваат претставници од 15 земји.
На настанот, проф. д-р Миле Јованов, Претседател на Здружението на Информатичарите на Македонија, ја презентираше агендата за претстојната олимпијада и ја потенцираше долгогодишната посветеност на организацијата за промовирање на постигнувањето исклучителни резултати во областа на информатиката.
„Додека се подготвуваме за почетокот на олимпијадата, сакам да потсетам на суштинската улога која ја имаат настаните како овој во обликувањето на новите ИТ кадри во регионот. БОИ 2024 е натпревар помеѓу новите генерации информатичари, но истовремено е и платформа во чии рамки младите умови се здружуваат, се запознаваат со различни култури, се дружат, се вмрежуваат и разменуваат искуства од сферата на информатиката и иновациите, инспирирајќи се меѓусебно и претставувајќи еден вид стимул едни за други. Со поттикнување на овој дух на соработка и конкуренција, ја негуваме следната генерација лидери во технологијата, што е од витално значење за континуираниот раст и развој на нашето општество“, изјави проф. д-р Миле Јованов.
Како поддржувач и пријател на Балканската Олимпијада по Информатика, компанијата „Сорсикс “, една од водечките ИТ компании во Македонија, доделува ваучери за платена пракса за осуммината македонски учесници.