Фото: Арбнора Мемети

Економските аналитичари очекуваат намалување на просечната стапка на инфлација и очекуваниот пораст на бруто домашниот производ поради пролонгирање на ефектите од глобалната криза предизвикана од пандемијата на корона вирусот, покажува новата анкета на Народната банка за периодот 2020 ‒ 2022 година.

„Во однос на инфлацијата, просечните очекувања за 2020, 2021 и 2022 година се значително пониски во однос на претходната анкета и упатуваат на просечна стапка од 0,4 отсто во 2020 година, 1,3 отсто во 2021 година, додека инфлација од 1,6 отсто се очекува во 2022 година (наспроти очекувањата за инфлација од 1,6 отсто во 2020 година и 2 отсто во 2021 и 2022 година). Испитаниците ги наведуваат неизвесноста и надолните ризици од пролонгирањето на кризата предизвикана од корона-вирусот, намалената активност на домашната и глобалната економија, ниската домашна побарувачка, како и пониските увозни цени на енергенсите и храната, како фактори коишто би придонесле за намалување на стапката на инфлација“, соопшти Народната банка.

Во следните две години, испитаниците очекуваат дека постепеното надминување на кризата и закрепнувањето на економијата ќе придонесат соодветно и за забрзување на инфлацијата. Во оваа анкета се забележуваат промени и во очекувањата во поглед на економската активност, во споредба со претходната анкета.

„Така, наместо раст, анкетираните аналитичари очекуваат намалување на економската активност на домашната економија во 2020 година, а потоа постепено закрепнување во следните две години, со интензитет сличен како и во претходната анкета. Имено, анкетираните аналитичари очекуваат реален пад на БДП од 3,2 отсто во 2020 година (надолна ревизија за 4,4 процентни поени), раст од 2,6 отсто во 2021 година (мала нагорна ревизија за 0,2 процентни поени), како и забрзување на стапката на раст, односно искачување до 3,1 отсто во 2022 година“, велат од Народната банка.

Испитаниците ги поврзуваат ваквите очекувања со: неизвесноста од глобалната криза од вирусот Ковид-19, неизвесната странска побарувачка и нејзиното влијание врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка, како и неизвесноста поврзана со парламентарните избори оваа година, која што би се одразила преку воздржаност на домашните инвеститори и пониска кредитна активност.

Од друга страна, аналитичарите очекуваат дека преземените монетарни и фискални мерки, политичкото стабилизирање по завршувањето на парламентарните избори, членството во НАТО, отпочнувањето на преговорите за пристап во ЕУ, како и продолжувањето со капиталните проекти во патната и железничката инфраструктура, да имаат позитивно влијание врз растот во наредниот период и ќе придонесат за посткризно забрзување на растот на економијата.