ДЗР: Енергетската криза ја дочекавме неподготвени, немало големи инвестиции во производство на струја

Во периодот од 2019 до 2022 година не се извршени големи инвестициски активности и стратешки проекти кои треба да обезбедат поголемо количество електрична енергија, стои во Ревизорскиот извештај

-

Мерките и активностите кои се преземаат од надлежните институции во секторот енергетика не се доволно ефикасни за да обезбедат сигурност и одржливост во обезбедувањето на електрична енергија на долг рок во Република Северна Македонија, се вели во конечниот извештај за извршена ревизија на успешност „Подготвеноста на енергетскиот систем да се справи со енергетската криза“ на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите имаат серија критики за справувањето на државата со енергетската криза. Утврдиле дека државата располага со ограничени необновливи енергетски ресурси и застарени капацитети, кои не можат да обезбедат стабилност во производство на електрична енергија. Тоа, како што стои во Извештајот, ја прави државата увозно зависна на струја, што посебно неповолно се одразува за време на енергетската криза.

Ревизорите додаваат дека преземените меѓународни обврски за обезбедување на „зелена енергија‘‘ преку зголемено учество на обновливите извори на енергија (ОИЕ) се одвиваат без прецизни плански активности, со административни ограничувања и забавено темпо.

„Проектните активности за подобрување на енергетската ефикасност се со низок степен на имплементација и недоволна вклученост на општините. Донесени се повеќе мерки за ублажување на ефектите од енергетската криза, кои се делумно применети од институциите на централно и локално ниво и отсуствуваат контролни механизми за нивно следење, со цел да се добијат посакуваните резултати и ефекти“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Во извештајот се вели дека државата располага со ограничени ресурси на јаглен, а новите наоѓалишта сѐ уште не се експлоатираат, поради што се врши набавка на јаглен за кој се издвојуваат значителни финансиски средства.

Производствените капацитети кои учествуваат во обезбедување на т.н. „базна“ енергија се застарени, што влијае на појава на чести дефекти, а со тоа и на намалување на производството на електрична енергија (ЕЕ). Понатаму, во Ревизорскиот извештај се вели дека долг временски период не се извршени големи инвестициски активности за модернизација на постоечките капацитети, како и изградба на нови кои користат енергенси што не ја загрозуваат животната средина, со што ќе се обезбеди поголемо производство на ЕЕ, енергетска стабилност и одржливост на долг рок.

„Во периодот од 2019 до 2022 година не се извршени големи инвестициски активности и стратешки проекти кои треба да обезбедат поголемо количество електрична енергија“, стои во Ревизорскиот извештај.

Државниот завод за ревизија дава конкретни препораки до Владата за да се модернизира термоелектраната „Неготино“ со замена на постојната опрема, да се преструктуира производството на електрична енергија од јаглен и мазут со друг извор на енергија, а при креирањето на енергетските политики да се земат предвид потребите и барањата на општините за зголемување на енергетската ефикасност.

На Министерството за економија ревизорите му препорачуваат да иницира постапка за усвојување на нацрт-Програмата за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката за период 2021-2025 година, но и да се изготви Стратегија за реконструкција на згради за домување, јавни и комерцијални згради.

Ревизорите препорачуваат Министерство за транспорт и врски да ги разгледа можностите за измена на Законот за градење и пропишување на одредби за олеснување на постапката за издавање на одобрение за градење на капацитети за производство на ЕЕ од ОИЕ до 1 MW, како и зголемување на рокот од 5 дена за разгледување на барањата за одобрение за градба за производство на ЕЕ од ОИЕ.

На Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ревизорите им напоменуваат да преземат активност за точно утврдување и усогласување на количините на залиха на јаглен во РЕК Битола. Од ЕСМ се бара во соработка со владата да ги интензивираат и забрзаат активностите за започнување на изградбата на големи проекти за производство на струја.

Контраспин: Укинувањето на балансерот никако не може да биде тежок удар врз Уставот

Правната одлука за т.н. балансер, во насока на усогласеност на правните акти на државата со Уставот, може да биде само поттик на принципот на еднаквост во мултиетничко општество, бидејќи...