Државниот врв со честитка по повод празникот 2 Август: Илинден живее во сите нас

Претседателот, премиерот и министерот за внатрешни работи утрово упатија честитки по повод одбележувањето на Денот на републиката - 2 Август

-

Македонскиот државен врв денеска упати честитки по повод одбележувањето на државниот празник 2 Август – Денот на Републиката. Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упатија честитки до граѓаните.

Во честитката на претседателот Стево Пендаровски се вели дека на нашиот најсветол празник Илинден се потсетуваме на генерациите кои се изборија за двете наши републики – Крушевската во 1903-та и АСНОМ-ската во 1944-та година.

„Водени од прогресивни идеи за политичка слобода и социјална правда, младите беа вистинските двигатели на двата Илиндена. Младите први се кренаа во борба против фашизмот и станаа најборбеното јадро на народноослободителната војска. Самиот АСНОМ, пред сè, беше заседание на младите. Ние денес имаме слободна македонска држава, благодарение на младите од илинденската и од антифашистичката генерација“, се наведува во честитката на претседателот.

Тој посочува дека младите се клучни за каква било општествена трансформација, од народни востанија и револуции, па сè до креирање политики и спроведување реформи.

„Тешко е да се стекне слободна држава, но уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество. Додека првото е дело на една генерација, второто станува обврска на сите наредни поколенија. Затоа, да се сплотиме за иднината на младите и сите заедно да градиме европска, а не емигрантска македонска држава“, нагласува претседателот Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски упати честитка по повод празникот 2 Август – Ден на Републиката, што годинава се одбележува под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“ и Денот кога пред 79 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност.

„Денешниот историски ден да го славиме сите заедно, обединети со иста верба во нашата просперитетна иднина! Илинденската идеја е нашиот континуитет низ вековите, Илинден живее во сите нас!“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во честитката по повод големиот празник Илинден.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во честитката до граѓаните по повод одбележувањето на државниот празник, посочува дека и годинава, историскиот моментум од нас, како држава и како народ, изискува храброст и мудрост, прогресивен дух и визија, кои во аманет ни ги оставија нашите предци, преку заедништвото на Илинденците во првиот Илинден од 1903 година, со формирањето на првата Република на Балканот – Крушевската, и државничкиот став на АСНОМ-ците во 1944 година.

„Нивниот копнеж за демократска, слободна и напредна Македонија, ние денеска го живееме. Денес имаме отворена јасна европска перспектива за нашите граѓани, за која се изборивме и по која станавме меѓународно препознатливи, со заеднички демократски вредности, економски стабилна држава, почитувана, безбедна, со бројни меѓународни пријатели и партнери. И, токму Илинден е тој жив потсетник за идеалите за кои се изборивме, а чии носечки двигатели се делата и подвизите на нашите предци“, се наведува во честитката на Спасовски.

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан, САД и Европа ги осудија нападите на Израел врз мировниците

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан откако бил погоден од огнено оружје, соопштија привремените сили на ОН во Либан (Унифил). Во соопштение, Унифил вели дека мировникот во...