Додека ние чекаме, во Белград се вложуваат 370 милиони евра во електрана за согорување на отпад

Фото: Беоинфо, сајт на Град Белград

Додека македонските официјални власти размислуваат, а дел од јавноста во општините негодува за изградбата на регионалните депонии и современи фабрики за третман на отпадот, во Белград започна инвестициски проект од 370 милиони евра со кој Србија ќе го реши проблемот со најголемиот произведувач на отпад во земјата.

Преку јавно-приватно партнерство со француско-јапонскиот конзорциум „Суез-Иточу“, во моментов во Белград се гради електрана за согорување на комунален отпад, која што треба да се заврши до ноември 2022 година, јавува телевизијата Н1. 

Со реализацијата на овој проект, 10 проценти од целокупната топлинска енергија и 5 проценти од електричната енергија што му е потребна на Белград ќе се добива од согорувањето на комуналниот отпад што го создаваат самите граѓани.

Капиталниот проект за српскиот главен град предвидува и изградба на дополнителна електрана, која депонискиот гас ќе го претвора во електрична енергија.

Инаку, постојната санитарна депонија „Винча“ треба да се затвори до крајот на оваа година, кога ќе треба да профункционира новата санитарна депонија градена по критериумите на ЕУ. Од средината на август, Белград ја доби и новата депонија за градежен отпад, јавува весникот Политика.

Во иднина, дел од планираните 370 милиони евра ќе се искористат и за изградба на пречистителна станица за отпадни води во белградската депонија. Српската премиерка Ана Брнабиќ при посетата на „Винча“ изјави дека со овој проект се решава најголемиот еколошки проблем на српскиот главен град, кој истовремено бил и еден од најголемите проблеми во Европа.

Србија до крајот на 2020 година успеа да изгради 10 од планираните 26 регионални депонии со кои треба да се одведува и третира отпадот според стандардите на ЕУ. За разлика од северниот сосед, во нашата земја не може никако да започне изградба ниту една современа регионална депонија.

Премиерот Зоран Заев изминатово лето најави отворање на фабрика за преработка на отпадот во близина на Дуброво, Неготино, која предвидува инвестиција од 336 милиони евра од приватна компанија во капацитет кој ќе произведува енергија од отпад. На овој начин би се решил проблемот со третманот на 74 проценти од целокупното количество на отпад што се создава во земјава, а би се набавиле и 100 комунални возила за собирање на смет и 6.000 метални и пластични контејнери, би се изградиле 11 претоварни станици и 11 збирни потстаници за отпад и би се асфалтирала патна делница од 5 километри до село Дуброво.

„Мета.мк“ минатиов месец побара одговори од скопските градски власти и надлежните во ЈП „Дрисла“ околу идниот развој на најголемата депонија во земјава, но не добивме одговори кога би се инвестирало во постројки за третман на комуналниот отпад.