Од депонијата „Дрисла“ нема одговор за постројката за секундарна селекција и рециклирање на отпадот

Фото: Архива на Мета.мк

Скопската депонија „Дрисла“ годинава ќе добие автоклав или машина за третман на медицински отпад, како и мерна станица за амбиентен воздух. Депонијата доби и ИПА проект од 800.000 евра за рециклирање на градежен отпад. Но, проектите за секундарна селекција на отпадот, третман на индустрискиот отпад и постројката за пакување на отпад, кои се исклучително важни за превенција на климатските промени и намалување на загадувањето, изгледа дека ќе почекаат.

„Мета.мк“ во три наврати до Градот Скопје и ЈП „Дрисла“ испрати прашања, почнувајќи од крајот на август, во однос на тоа кога би се инсталирале постројките за секундарна селекција на отпадот и за негово натамошно рециклирање. Одговори на нашите прашања до објавата на овој текст не добивме, и покрај даденото ветување од ЈП „Дрисла“ за одговори по писмен пат.

Според официјалните податоци објавени на Бирото за јавни набавки, во моментов се довршува изградбата на објектот во кој ќе биде сместен автоклавот, лабораторијата и работните простории во кои ќе се третира медицинскиот отпад во иднина. Новиот третман на овој опасен отпад подразбира термички процес на стерилизација, при што отпадот веќе нема да се согорува во инценераторот, туку како стерилизиран ќе се отстранува како неопасен отпад. Оваа инвестиција преку двата договора склучени од ЈП „Дрисла“, а кои се објавени на Бирото за јавни набавки, чини околу половина милион евра.

ЈП „Дрисла“ годинава набави и мерна станица за амбиентен воздух, со чија употреба ќе се мери нивото на аерозагадување на оваа локација во Скопје. Проектот е вреден околу 100.000 евра, според објавениот договор на Бирото за јавни набавки, и со него граѓаните ќе можат постојано да го следат квалитетот на воздухот на депонијата „Дрисла“.

Преку ИПА Проектот за управување со градежен отпад којшто е добиен годинава, предвидено е во наредниот период од две години да се набави дробилица за градежен отпад, камиони за транспорт и механизација за сортирање на различни видови на отпад. Воедно, ќе се детектираат и мониторираат неконтролираните депонии на градежен отпад, кои се наоѓаат надвор од „Дрисла“.

Сепак, она што недостига во однос на идното функционирање на скопската депонија е јасен патоказ до кои датуми ќе се инсталираат постројките за секундарна селекција на отпадот, како и за негов третман (рециклирање и компостирање). Првично се предвидувало капацитетот на депонијата „Дрисла“ да биде искористен за околу 30 години. Заклучно со крајот на 2020 година, во депонијата се депонирани 4.070.000 тони отпад, односно депонијата е исполнета над 55 отсто од вкупниот капацитет за депонирање на отпадот.

Податоците по години, а кои се објавени во Програмата за работа и развој на ЈП Дрисла за 2021 година, покажуваат дека количествата на отпад коишто завршуваат на депонијата во изминативе години расте. Па така, ако во 2000 година биле депонирани 165.546 тони комунален и друг неопасен отпад, лани вкупното количество на ваков депониран отпад изнесувало 232.748 тони.

Иако преку најавените долгорочни активности на депонијата „Дрисла“ е предвидено да се рециклираат над 70 отсто од влезниот отпад што пристигнува на оваа локација, а со тоа и автоматски да се намали количеството на депониран отпад, сепак за да достигне ваквата бројка, неопходно е воведување на широко распространета примарна селекција на отпадот во домаќинствата и компаниите. Според податоците на ЈП „Комунална хигиена“, во 2020 година била извршена селекција на отпад од нивна страна во износ од 483,39 тони комунален отпад, односно само 0,3 отсто од вкупно собраниот отпад во главниот град. Инаку, токму ЈП „Комунална хигиена“ е главниот корисник на услугите за депонирање на отпадот во депонијата „Дрисла“.

Депонијата „Дрисла“ во јануари минатата година беше вратена во надлежност на Градот Скопје, а според актуелните информации на раководството, и понатаму се исплаќа затекнатиот долг во износ од околу 175 милиони денари, направен во периодот пред јануари 2020 година. Депонијата „Дрисла“ е изградена во периодот 1990-1994 година, а проработела во 1994 година, со проектиран капацитет да прими 26.000.000 метри кубни комунален отпад.