ДЕБАТА: Проблемот со корупцијата во високото образование потекнува од недостатокот на истражувања за неа

Photo by Markus Spiske on Unsplash

Денеска се одржа првата од серијата онлајн тематски дебати за подигање на свеста за важноста од етичко однесување и за достапните алатки за спречување и пријавување на корупција на тема „Интегритет во високото образование – Поттикнување на борбата против корупцијата“ организирана од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Дебатата беше модерирана од страна на Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, а истакнати гости со можност за воведно обраќање беа актуелниот министер за образование и наука, Јетон Шаќири, директорот на Агенција за млади и спорт, Наумче Мојсовски и Петар Барлаковски, претседателот на Младински Образовен Форум. 

На јавната дебата се разговараше за тоа какви механизми се применуваат за следење и влијание врз намалувањето на корупцијата и судирот на интересите, дали постои дијалог на оваа тема со студентите на индивидуално и институционално ниво преку нивните организации и за тоа дали досега е направена некаква активност за подигнување на свеста кај студентите и вработените.

Министерот за образование поради одржување на заедничка седница на владата мораше да го пријави своето отсуство. Во своето воведно обраќање, Петар Барлаковски рече во нашата држава корупцијата е еден од факторите кои влијаат врз намалениот квалитет на високото образование во земјава.

„На нас е да ги научиме младите, студентите, но и останатите членови на академската дејност што претставува корупцијата и во каква форма се појавува. Имам чувство дека меѓу младите корупцијата единствено се прецепира како давање потукп. Корупцијата не е само тоа. Ние треба да се фокусираме и кон последиците на корупцијата во високото образование, интегритетот и кредибилитетот на академската заедница во целина но и на самите студенти. Студентите мора да имаат на ум како корупцијата ќе влијае во понатамошниот развој на нивните животи. Треба да ги информираме студентите каде може да се пријави корупцијата, бидејќи студентите не го знаат тоа. Студентите мислат дека дури и да се пријави нема да биде во нивна полза, тоа треба да се промени“, нагласи претседателот на младинската организација.

Универзитетскиот професор Марјан Бојаџиев од Американ Колеџот посочи дека квалитетот во високото образование во земјава зависи од фактот што од 2001 година до денес не е спроведена ниту една евалуација на универзитетите. Според него, кадарот на високото образование ќе се подобри доколку почесто се спроведуваат вакви анализи, и како што рече, нема да е толку едноставно секој да стане редовен професор.

„Проблемите се системски и неповрзани на органите, а решение за нив постои. Во соседните земји постојат критериуми и се спроведува евалуација што доведува до подобрување на високото образование. Се додека не го примениме тоа кај нас, ние ќе се вртиме во круг и не можеме да направиме ништо што ќе ја подобри ситуацијата со корупцијата“, истакна Бојаџиев.

ДКСК им постави прашања на студентите кои беа присутни на дебатата: Дали биле сведоци на поткуп при упис на факултет и дали постои ризик од прикажување на лажни документи со цел да се обезбеди место на факултетот; дали се соочиле со барање на надомест за полагање на испит или да добивање на висока оцена или добивање на диплома; и дали постои поткуп во процесот на добивање на државна стипендија и какво е нивното искуство околу сместувањето во студентските домови.

Претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Ева Цветковска рече дека основниот проблем за постоењето на корупцијата е затоа што никој нема спроведено истражување на оваа тема, затоа што точните и навремени информации се основната алатка за борбата против корупција.

„Сметам дека на мојот универзитет нема купени дипломи, но се случуваат други проблеми од типот на положување и добивање подобра оцена на принцип на добро познато презиме. Ситуацијата е подобрена од порано, но формите на корупција треба да започнеме да ги решаваме, а потребен е и нов модел на финансирање на високото образование. Студентите не пријавуваат корупција поради три причини; првата е што не знаат каде, понатаму затоа што воопшто не се свесни за нешто што е дело на корупција и финално зашто се плашат од последиците“, истакна Цветковска.