fbpx

Даниел Митов: Македонија мора да ги исполни реформите договорени со ЕУ

-

Бугарија апелира македонските политичари да постигнат договор и да спроведат регуларни избори за да се надмине политичката криза и Македонија да може да продолжи непречено на нејзиниот пат кон Европската Унија и кон НАТО.

Ова го порача бугарскиот министер за надворешни работи, Даниел Митов, во интервју за „Мета“.

Митов вели дека Бугарија продолжува да ја поддржува Македонија за членство во ЕУ, меѓутоа од македонските политичари зависи дали ќе се исполнат договорените реформи и дали ќе се постапува во согласност со европските стандарди за да се остварат европските амбиции на нашата држава.

– Треба да се спроведат избори, но тие треба да бидат изведени врз основа на сите правила. Најважното нешто се реформите. Реформите кои се договорени треба да бидат исполнети. Не може да се обвинуваат ЕУ или НАТО, зашто не упатиле покана или затоа што Македонија не почнала преговори, дека тоа ја предизвикало кризата. Токму спротивно. Прво се спроведуваат реформите. Така беше и со Бугарија. Прво се спроведуваат реформи, владата покажува волја, ги прави неопходните институционални промени, ја создава неопходната клима која одговара не европските стандарди и тогаш се оди напред во насока на членство – вели Митов за „Мета“.

Шефот на бугарската дипломатија, кој во петокот имаше и билатерална средба со неговиот македонски колега Никола Попоски на маргините на Регионалниот самит за справување со бегалската криза во Солун, ја посочи политичката криза во нашата земја како нова пречка за финализирање на договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија, но и како фактор кој создава фрустрации кај македонските соседи.

– Имавме серија преговори и стигнати сме до една фаза, која би можел да ја наречам клучна. Има уште некои работи што треба да се расчистат и да се договорат, но проблемот е дека политичката ситуација во моментов во Република Македонија не ни дава повод за оптимизам дека ќе можеме да стигнеме, во краен случај, до потпишување на тој договор. Треба да има парламент, треба да има, се разбира, можност да се потпише тој договор, да е легитимен, да има механизам за спроведување и реално да се спроведува. Да се создаде атмосфера меѓу нашите две држави, атмосфера која не дава простор за шпекулации во однос на тоа какви се нашите заемни односи и што сакаме да се случи. А ние сакаме Република Македонија еден ден да биде член на ЕУ и на НАТО. Европската Унија не поставува, таа ги надминува границите – коментира Митов.

Во однос на актуелната критична тема во регионот, бегалската криза, која Бугарија не ја почувствува толку како Грција и Македонија, Митов инсистира дека е неопходна поголема контрола на границите за да се избегнат инциденти како масовни нелегални премини и шверц на луѓе.

– Има правни начини за економска миграција во рамки на нашите држави и таа политика треба да се запази. Неконтролираното влегување на луѓе треба да стане јасно дека е веќе невозможно, не само во рамките на Европската Унија, туку, исто така, и во државите од Западен Балкан – истакна Митов.

Регионалниот самит во Солун меѓу Грција, Македонија, Бугарија и Албанија, на кој беше договорено да продолжи регуларно да се одржува, го оцени како важен за да се продолжи дијалогот за клучни теми што го засегаат регионот, како бегалската криза, но и енергетската соработка како на регионално, така и на европско ниво.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...