fbpx

Чешката полиција го истражува мотивот зад еден од најтешките масовни напади во земјата

Вооружениот напаѓач отворил оган во ходниците и училниците на зградата, убивајќи по случаен избор, додека персоналот и студентите користеле мебел за да се забарикадираат во просториите. Утрешниот ден е прогласен за ден на жалост во целата земја

-

Чешката полиција работи на откривање на мотивот зад најлошото масовно пукање во земјата, во кое студент отвори оган на универзитет во центарот на Прага, при што уби 14, а рани 25 други.

Премиерот на Чешка, Петр Павел, апелираше на единство и рече дека случајот не треба да се користи за политички напади или ширење дезинформации, пренесува Би-би-си.

Меѓу жртвите од нападот е и таткото на напаѓачот. Гардијан ја пренесува изјавата на чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан, кој рече дека 13 од 14-те жртви се идентификувани. Меѓу повредените има и тројца странски граѓани.

Ракушан рече и оти полициските превентивни мерки ќе траат најмалку до 1 јануари. Според него, нема индикации дека убиствата имаат некаква поврзаност со меѓународен тероризам.

Утрешниот ден е прогласен за ден на жалост низ целата земја. Знамињата ќе бидат спуштени на половина копје на сите јавни згради, а напладне ќе се одржи едноминутно молчење. Многу спортски и културни настани се откажани.

Пукањето започна вчера околу 15 часот по локално време, во зградата на Факултетот за уметности на Карловиот универзитет, на плоштадот Јан Палах во центарот на чешката престолнина.

Вооружениот напаѓач отворил оган во ходниците и училниците на зградата, убивајќи по случаен избор, додека персоналот и студентите користеле мебел за да се забарикадираат во собите.

Драматична снимка споделувана на социјалните мрежи покажува луѓе како висат од надворешниот дел на зградата на универзитетот, пред да скокнат на друг дел од покривот неколку метри подолу. На снимката се слушаат и истрели.

Во друго видео, се гледаат преплашени толпи кои бегаат од историскиот Карлов мост, главната туристичка атракција на Прага.

Полицијата соопшти дека напаѓачот бил 24-годишен студент на универзитетот и немал претходно криминално досие, иако додаваат дека кај него било пронајдено огромен арсенал оружје и муниција.

Локалните медиуми го именуваат како Дејвид Козак.

Пред пукањето, полицијата добила дојава дека се верува оти осомничениот се упатил кон Прага од блискиот град со намера да се самоубие. Полицајците евакуирале друга универзитетска зграда каде што се очекувало напаѓачот да присуствува на предавање, но кратко време подоцна биле повикани во главната зграда на факултетот во близина.

Се претпоставува дека напаѓачот, за кој полицијата соопшти дека бил „елиминиран“, го убил својот татко на посебна локација.

Полицијата соопшти дека има и непотврдени информации од профил на социјалните мрежи дека нападот бил инспириран од сличен инцидент во Русија. Тие рекоа дека напаѓачот бил осомничен и за убиство на млад човек и неговата двомесечна ќерка, кои биле пронајдени мртви во шума на периферијата на Прага на 15 декември.

ОД 25-те лица ранети во престрелката, 10 се сериозно повредени.

Би-би-си пренесува и дека вчеравечер луѓе палеле свеќи и оставале цвеќиња во близина на местото на престрелката.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...