Photo by Issy Bailey on Unsplash

Под налетот на британската, јужноафриканската и бразилската мутација на корона вирусот, расте бројот на земји во светот што воведуваат нови рестрикции за патувања. Чешка од денеска го забрани влезот за странци на нејзина територија кои не доаѓаат во земјата поради неопходни причини. Од 30 јануари, влез во Чешка е дозволен само за оние странци што студираат или работат во Чешка, доаѓаат поради здравствени причини, свадба, погреб или посета на роднини, пишува „Радио Слободна Европа“. 

Франција од утре, 31 јануари, воведе забрана за влез на сите државјани што доаѓаат надвор од земјите-членки на ЕУ, но забраната исто така важи и за француски државјани кои сакаат да патуваат надвор од ЕУ. За сите државјани на земји-членки на ЕУ, задолжителен е ПЦР тестот, јавува „Политико“. 

Рестрикциите за патување продолжуваат да се заоструваат од ден во ден, па така Германија од денеска воведе забрана за влез на лица од земјите погодени од новите мутации на корона вирусот. Канада исто така соопшти дека сите патници што пристигнуваат во земјата ќе мора да одат во карантин на сопствен трошок.