Фабрики за производство на храна, погони за флаширање на вода, транспортни компании, металопреработувачки капацитети, дистрибутивни компании, па дури и јавни комунални претпријатија низ земјава изминатиов период инвестираат во обезбедување на сигурност во снабдувањето со електрична енергија. Интересот е голем, насочен е првенствено кон изведба на фотонапонски електроцентрали, кои воглавно се градат во кругот на постојните индустриски капацитети.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги изминативе месеци е преплавена со барања за издавање на лиценци за производство на електрична енергија од компаниите, а голем е и бројот на фирми на кои им е издадена ваквата лиценца.
Од Стопанската комора на Северна Македонија за Мета.мк велат дека сме во ек на мултикризна состојба. Во март лани, компаниите плаќале 60 евра за мегават час, додека во март годинава цената на струјата е зголемена на 280 евра за мегават час, односно поскапувањето на струјата за компаниите е зголемено за 4-5 пати.
„Во регионот во овој момент Македонија, Косово и Албанија се целосно оставени на отворен пазар. Србија до јули гарантира 75 евра/MWh, во Босна цената на струјата е 69 евра/MWh, Грција прави субвенција на индустријата од 130 евра/MWh, а Бугарија има варијабилна формула, која може да оди до 120 евра/MWh субвенции, така што македонското стопанство станува неконкурентно, а тоа порано или подоцна ќе се одрази сериозно врз нивното натамошно работење“, посочуваат од Стопанската комора.
Од Комората додаваат дека инвестирањето во фотоволтаични електроцентрали во моментов е единствената побрза опција, преку која компаниите може да стигнат до пониска сметка за електрична енергија.
Енергетската криза со која се соочија компаниите од средината на 2021 година, продолжи уште поизразено да влијае врз нив по почетокот на руско-украинскиот конфликт, во делот на високата цена на електрична енергија која им е неопходна за непречено работење. Од Стопанската комора им помагаат на фирмите во обезбедување на соодветни информации и насоки при обезбедувањето на документацијата за инвестирање во обновливите извори на енергија.
Компаниите избираат меѓу две различни форми на инвестирање во фотоволтаичните електрани. Доколку вложуваат во обезбедување на струја за сопствени потреби, тогаш на нив не им се потребни никакви лиценци ниту одобрувања. Во моментов нема точен број на компании кои на овој начин инвестирале во овој алтернативен начин на обезбедување електрична енергја. Вториот начин е кога покрај за сопствените потреби, компаниите сакаат дел од произведената струја да ја продаваат, а за тоа дозвола издава Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ).
Од РКЕВУ за Мета.мк потврдуваат дека во моментов владее огромен интерес од компаниите да инвестираат во фотоволтаични електрани. По години, во 2019 имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020 се 29 со инсталирана моќност од 7 мегавати, додека лани имало 48 соларни електрани со моќност од 14 мегавати.
„Заклучно со април 2022 година РКЕ има издадено 36 лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со инсталиран капацитет од 12,7 MW. Практично, во првите четири месеци од годинава имаме 47 отсто од вкупниот капацитет во последните три години, што е потврда за големиот интерес“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.
И регулаторите тврдат дека постојат неколку причини за зголемувањето на интересот на компаниите да инвестираат во зелената енергија, која покрај за сопствени потреби, планираат да ја продаваат и на енергетскиот пазар.
Главен фактор за инвестирање е значителното неколкукратно зголемување на цената на електричната енергија, но не помалку важно е и обезбедувањето на сигурност во снабдувањето со струја за самите компании во наредниот период.
„Технологијата стана подостапна, а дури и дел се произведува во државата. Се зголеми искуството на овластените лица вклучени од самото изготвување на проектите па сè до реализацијата на фотонапонските електроцентрали, па дури на пазарот има правни лица коишто нудат и клуч на рака“, објаснуваат од РКЕВУ.
И од Регулаторната комисија за енергетика и од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека цената на електричната енергија е во постојан пораст. Од РКЕВУ потенцираат дека во моментов не може да се предвиди понатамошното движење на истата. Од Комората пак додаваат дека берзанската цена на струјата во изминатиов период е постојано висока, на околу 200 евра за мегават-час електрична енергија.
„Сите предвидувања и анализи укажуваат на тоа дека цената на струјата никако нема да се врати на нивото од 65 евра за MWh, како што беше лани, и дека покрај со последиците од пандемијата, во наредните години континуирано ќе се занимаваме и со ова прашање“, посочуваат од Стопанската комора.
Од Регулаторна пак додаваат дека цените на струјата зависат од повеќе околности, меѓу кои главни се цените на примарните ресурси за производство на струјата и геополитичките случувања. Оттаму велат дека домаќинствата во земјава ќе биде потребно да се насочат кон намалување на зависноста од електричната енергија која што ја обезбедуваат од универзалниот снабдувач.
Македонија треба сериозни да работи на сите домаќинства кои се заинтересирани, да им овозможи да инсталираат фотонапонски панели за задоволување на сопствената потрошувачка на електрична енергија.
„Главната заштеда од инсталирањето на фотонапонските панели е тоа што во периодите на висока дневна тарифа, кога цената на електричната енергија е највисока, домаќинствата наместо да купуваат електрична енергија, дел или целосно потребите за електрична енергија ќе може да ги обезбедат од сопствено производство“, велат од РКЕВУ.
Покрај сигурност во снабдувањето со струја за наредниот период, преку инвестирањето во фотоволтаиците кај домаќинствата на подолг рок, а кај компаниите и во побрзо време, се врши поврат на вложените средства преку драстично намалување на сметките за електрична енергија.
Проценките се дека во Македонија има 280 сончеви денови годишно, што е поволна состојба за обезбедување на електрична енергија од сонцето. И што е најважно, преку користењето на зелената енергија од фотоволтаиците по автоматизам се намалува употребата на фосилните горива за производството на струја, што пак во населените места каде се наоѓаат македонските термоелектрани, ова на подолг рок би можело да влијае на опаѓање на аерозагадувањето и емисиите на стакленички гасови на национално ниво.
Според Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија на Агенцијата за енергетика, заклучно со почетокот на 2022 година, во земјава имало 191 фотоволтаични електрани со моќност од 28,78 мегавати. Воедно, Македонија има 102 мали хидроелектрани со инсталирана моќност од 90,62 мегавати, како и еден ветерен парк, три биогасни електрани и еден енергетски капацитет што работи на биомаса. Сите овие енергетски капацитети коишто ги користат обновливите извори на енергија имаат вкупно инсталирана моќност од 163,79 мегавати.
Автор: Бојан Блажевски