Бугарија ќе го смени својот кандидат за генерален секретар на ОН

Бугарската влада најверојатно ќе ја поддржи номинацијата на Кристалина Георгиева, актуелна еврокомесарка за буџет и за човечки ресурси, за генерален секретар на Обединетите нации, на местото на актуелната кандидатка, Ирина Бокова, велат владини извори во Софија.

Ова, според најавите, најверојатно ќе се случи во вторник следната недела, за кога е закажан вонреден министерски состанок, а за истиот ден е најавена и посета на унгарскиот премиер, Виктор Орбан.

Вчера шефот на бирото на Обединетите нации за телевизиската мрежа „Ал Арабија“, Талал ал-Хаџ, на својот твитер-профил напиша дека Унгарија, Летонија и Хрватска, со поддршка на Германија, планираат да ја номинираат еврокомесарката од Бугарија, Георгиева.

Бугарија, според најавите, ќе застане зад нејзината кандидатура, која има силна европска поддршка.

Веста за Георгиева доаѓа еден ден по четвртиот круг на гласање за нов генерален секретар на ОН, по кој Бокова падна за две позиции и од трето, сега е на петто место.

Менувањето на кандидати за време на гласањето за нов генерален секретар на ОН не е невообичаено.