fbpx

„Бехтел-Енка“ за 1,3 милијарди евра ќе изгради автопати долги 108 километри

Македонија во целост ќе ја заврши својата обврска за изградба на патната врска кон Албанија од Коридорот 8. Откако ќе биде завршен автопатот меѓу Прилеп и Битола, на властите во иднина ќе им остане да ја завршат изведбата на трасата од Битола до македонско-грчката граница за целосно комплетирање на Коридорот 10д

-

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ ќе четири нови автопати во земјава со вкупна должина од 108 километри, за кои ќе бидат издвоени 1,3 милијарди евра, или по околу 12 милиони евра од изграден километар. Конзорциумот ќе гради автопати со шест коловозни ленти на трасите Прилеп-Битола (40 километри), Тетово-Гостивар (17 километри), Требеништа-Струга-Ќафасан (22 километри) и Гостивар-Букојчани (30 километри). Рокот за нивната изведба е шест години од почетокот на градежните работи. Владата денеска го потпиша договорот за изградба на Коридорите 8 и 10д со „Бехтел-Енка“.

„Преку делниците од Коридорот 8 и Коридорот 10д, Република Северна Македонија станува уште позначајна регионална и меѓународна транспортна рута и уште позабележителна на светската инвеститорска мапа“, истакна премиерот Ковачевски, во своето обраќање на денешното потпишување на договорот за изградбата на двата коридори.

Вицепремиерот Артан Груби рече дека овој проект е само добар почеток на една голема работа од прогласувањето на независноста на државата.

„Им благодарам на моите колеги министри, особено на Амбасадата на Соединетите Американски Држави која секогаш стои зад нашите проекти и идеи, нашите партнери нашите супервизори и сите соработници кои учествуваат во овој проект. Овој проект е само добар почеток на една голема работа, најголема од прогласувањето на независноста на Република Северна Македонија“, изјави вицепремиерот Груби.

Генералниот директор за нискоградба на „Бехтел“, Марк Алисон рече дека му е драго што ќе работи со македонската влада на овој транспортен проект.

„Патната поврзаност низ регионот и во Северна Македонија се навистина важни. Бехтел и Енка имаат голема историја во испорачувањето на проекти и особено сложени проекти. Ја презедовме одговорноста да одржиме најголем стандард што е мошне сериозно за овој проект. Се радуваме за неговиот почеток. Благодарам за можноста“, изјави Алисон.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и вицепремиерот Артан Груби по потпишувањето на договорот соопштија дека во текот на една година во просек ќе се градат по 23 километри автопат. Рустеми појасни дека целосно е почитуван Законот за склучување на договорот со стратешкиот партнер, а експропријацијата на земјиштето каде што ќе минува трасата не е почната, бидејќи „Бехтел-Енка“ ќе ја има обврската и да проектира и да гради.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека цените за изградба на автопатите се поткрепени врз основа на физибилити студијата изготвена од Градежниот факултет на УКИМ, која е ревидирана од консултанската компанија Гранд Тортон.

„Договорот со изведувачот е изготвен согласно принципот на ФИДИК договорите, а тоа е принципот на измерени количини. Тоа подразбира дека плаќањата ќе се вршат според реализираните работи на терен и на тој начин ќе се има целосна транспарентност на извршените работи и потрошените средства“, изјави Бочварски.

Тој објасни дека за да се забрза изградбата на автопатите од страна на изведувачот ќе биде применет принципот „проектирање и изградба“, што подразбира дека самиот изведувач или преку домашни проектантски фирми истовремено ќе треба да ги проектира автопатите. Од годинешниов буџет на Министерството за транспорт и врски се предвидени 244 милиони евра за изведба на автопатите, а истата сума ќе се издвојува и во наредните години.

ВМРО-ДПМНЕ реагира за ИРД Инженеринг

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа, тврдејќи дека владата го компромитирала надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10д.

„Целата постапка за избор на надзорот индицира на кроење на условите за Конзорциумот воден од ИРД, а од кој дел се ЕПТИСА, која со одлука на влада е утврдено дека работела незаконски, Електра Солушн, која добива лиценца во сред јавен повик и Евро Консалтинг на Бранимир Димитријевиќ, вмешан во меѓународна криминална шема, кого го бараа ерменските власти“, изјави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Тој тврди дека не само власта што го доделила надзорот на IRD Engineering, туку со тендерот е дефинирано дека надзорот ќе биде и правен советник за трансакции. Со тоа, рече Стојаноски, ИРД како предводник на конзорциумот покрај тоа што ќе врши надзор над изградбата, добила и ексклузивна можност да преговара со идниот изведувач и да го состави договорот помеѓу владата и изведувачот „Бехтел-Енка“, кој владата само треба да го усвои.

„Владата скрои таков тендер што на идниот надзор му даде можност да го состави договорот кој таа ќе потпише со изведувачот, кого истиот тој надзор потоа треба да го контролира“, изјави пратеникот Стојаноски.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа од Јавното обвинителство да отвори случај, тврдејќи дека владата е на пат да го компромитира целиот процес за изградба на Коридорите 8 и 10д.

Со „Бехтел-Енка“ треба да се комплетираат Коридорите 8 и 10д

Со потпишувањето на договорот со „Бехтел-Енка“, Македонија во целост ќе ја заврши својата обврска за изградба на патната врска кон Албанија од Коридорот 8. Автопатот Кичево-Охрид треба да го доврши до крајот на годинава кинеската компанија „Синохидро“, додека изградбата на автопатската делница од Кичево до Букојчани во должина од 12,7 километри ќе треба да оди преку посебен тендер. За оваа намена се обезбедени неповратни средства од 20 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ), како и кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 110 милиони евра.

На Коридорот 10д, изградбата на автопатот Прилеп-Битола ќе треба да се надоврзе на веќе започнатиот проект за реализација на експресниот пат Градско-Прилеп, каде што од средината на 2021 година во изградба се вклучени кинеската компанија „Синохидро“ и австриската фирма „Страбаг“. Откако ќе биде завршен автопатот меѓу Прилеп и Битола, на македонските власти во иднина ќе им остане да ја завршат единствено изведбата на трасата од Битола до македонско-грчката граница за целосно комплетирање на патната врска од овој паневропски коридор.

Инаку, покрај високи владини функционери, на денешниот настан на потпишувањето на договорот со „Бехтел-Енка“ присуствуваа и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Прајс Агелер и амбасадорот на Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Погрешно се тврди дека еден од осомничените за нападот во Москва е чеченскиот милитант Ажиев

Човекот на фотографијата, кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад во Москва, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан...