fbpx

Ѓоргиевска: Дигиталната и интернет писменоста е значајна алатка за економско зајакнување на жените

Настанот што се одржа во Кабинетот на претседателот беше организиран во соработка со Женската граѓанска иницијатива – ЖГИ АНТИКО, по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената

-

Развојот на информациските и комуникациските технологии ја зголемува потребата од нови вештини и знаења и покрај високото образование, дигиталната и интернет писменоста денес е значајна алатка за економско зајакнување за жените, рече во своето обраќање сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска, на панел дискусијата на тема „Дигитално образование – приоритет за постигнување на родовата еднаквост“.

Настанот што се одржа во Кабинетот на претседателот беше организиран во соработка со Женската граѓанска иницијатива – ЖГИ АНТИКО, по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената.

Ѓоргиевска истакна дека преку обезбедување на дигитални вештини, на жените им се дава можност за развивање на сопствен бизнис, за финансиска независност и остварување на сопствените права.

„Со зголемувањето на дигиталната писменост, ќе може да се ублажат многу прашања поврзани со родовата нееднаквост. Еден од последните извештаи на Светскиот економски форум за глобалниот родов јаз потврдува дека во повеќето кластери на професии на иднината има голема нерамноправност меѓу жените и мажите. Нерамноправност во износот на примањата, во можноста за напредување во професијата, во добивањето еднакви шанси и видливост при професионалниот развој. Последното мапирање на ИТ секторот во Северна Македонија направено минатата година го потврдува проблемот видлив во застапеноста на жените во оваа индустрија, стереотипизирајќи ја најчесто како машка професија. Особено очигледни во ова истражување се разликите на сениорските и менаџерските позиции помеѓу жените и мажите“, посочи Ѓоргиевска.

Сопругата на претседателот додаде дека јазот е најголем во секторите што бараат иновативни дигитални и технички знаења и вештини, а врз кои се темели дигиталната економија, додавајќи дека нееднаквоста на можностите го забавува економскиот раст.

„Дигиталните технологии овозможуваат нови вештини и економски активности на жените. Но, за да не станат ново поле на дискриминација на жените, неопходно е што повеќе жени да го следат својот животен и професионален повик и да го заземат своето место во СТЕМ областите“, истакна Ѓоргиевска.

Денешниот настан се одвиваше во две панел дискусии на кои учествуваа шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир, шефицата на канцеларијата на ОН Жени во Северна Македонија, Весна Ивановиќ – Кастаред, генералната директорка и сопственичка на Семос едукација, Валентина Тасева, извршната директорка и ко-основачка на ИТ компанијата Дигикјуб (Digicube), Влора Адеми, претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска,  диригентката во Македонска опера и балет, Бисера Чадловска, Фросина Ѓоргиевска, земјоделка од Преспанскиот регион и Искра Гешоска, советничка за прашања од областа на културата на претседателот на Република Северна Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...