Скандалот со отсуството на Евангелос Венизелос на министерскиот состанок на НАТО поради заведувањето на Македонија под уставното име, предизвика „бум“ кај грчките медиуми и крена многу прав. Одлуката Македонија да биде потпишана под уставно име во Заедничката декларација на состанокот за одлуките во врска со ИСИС, за грчкиот печат се еднакви на дипломатски скандал. Според медиумите, ова е фаул на САД врз Грција и врз одлуките на Обединетите нации.

Грчките медиуми се преполни со вести за ситуацијата поради која Венизелос проценил дека е поважно да се држи до грчките ставови отколку да биде дел од дискусијата за ИСИС. „Фаул на САД за името на БЈРМ“, „САД ја крстија БЈРМ како Македонија на Заедничка декларација“, „САД провоцираат, ја запишаа БЈРМ како Македонија“, „Венизелос гневен на САД“ се само дел од насловите во печатените медиуми, на интернет-изданијата на грчките весници и на информативни портали.

Весникот „Етнос“ коментира дека целиот случај е показател дека САД сè уште ѝ немаат простено на Грција за Букурешт 2008. „Бирократијата на Стејт департментот никогаш не ѝ прости на Грција за ветото за прием на БЈРМ како Македонија во НАТО“, пишува весникот, коментирајќи дека грчкото вето сè уште продолжува да ѝ прави проблеми и ќе продолжи и во иднина ако се земе предвид дека Викторија Нуланд, која тогаш се занимаваше со приемот на Македонија во НАТО, сега е заменик на државниот секретар на САД. „Пораката од САД е целосно негативна и загрижувачка“, коментира „Етнос“ за фактот што Македонија добила дозвола да биде потпишана во Заедничката декларација под уставното име.  Според весникот „Имерисија“, целата ситуација покрева сериозни дилеми и прашања за грчката дипломатија. Во текстот на весникот се забележува дека писмената реакција од Венизелос до американскиот државен секретар Џон Кери е најмалку што можело да биде направено. Весникот оценува дека што е проблематично за Грција е конкретниот момент кога се случува ова. „Не се малкумина оние кои ја поврзуваат оваа провокација со ситуацијата која постои во врска со економијата и со притисоците на кои е изложена Грција, особено од страна на ММФ. Сметаат дека се работи за поширок притисок врз Атина бидејќи овој дипломатски потег не е случаен и праќа порака до Грција“, се коментира во анализата на „Имерисија“.

Аналитичарот Јоргос Ѕогопулос за „Мета.мк“ вели дека ваквиот настап на Венизелос е сосема очекуван.

– Неговиот потег се подразбира, реакцијата е во согласност со сите одлуки во врска со македонско-грчкиот спор на ниво на НАТО и на ЕУ – вели Ѕогопулос.

Тој посочува дека реакцијата е само дополнителна потврда на грчките позиции и црвени линии во спорот за името и грчката одлучност да не се отстапи од нив под никаков притисок од меѓународните сили додека не се види отстапка од македонска страна.

Венизелос неколкупати има истакнато дека Грција и покрај кризата успеала да не потклекне под меѓународните притисоци и да не дозволи да биде условувана за пакетот за штедење преку барања за отстапки од нејзините позиции за надворешната политика.

М.П.