fbpx

Арсовска не дојде на советнички прашања, чистеше суви гранки на Водно

Славески рече дека има намера да испрати писмо до сите меѓународни институции и организациии за односот на Арсовска кон Советот на Град Скопје, кон советниците и кон претседателот на Советот

-

Залуден беше уште еден обид да се одржи седница за советнички прашања во Советот на Град Скопје, каде што градоначалничката Данела Арсовска требаше да одговара на прашањата упатени до неа. Таа беше на Водно да врши увид како се сечат суви дрвја и грмушки и се кројат гранки на двете постоечки велосипедски патеки на Водно.

Трајко Славески, претседател на Советот рече дека уште пред еден месец испратил допис и ѝ предложил два датума на Арсовска за одржувањето на седницата, но таа не одговорила на неговиот допис.

„Градоначалничката комплетно го игнорира Советот“, вели тој.

Реагираа и советниците, со оглед на тоа што на седниците се носат одлуки и се одговара на прашања кои директно ги засегаат граѓаните.

„Ова е трета седница по ред на советнички прашања како што градоначалничката Арсовска не е присутна. Шест месеци таа не е присутна на советнички прашања, ниту на било која седница на овој Совет на Град Скопје. Има повеќе од 50-тина прашања од граѓани коишто во овие шест месеци ги собрав од средбите со граѓани, а нема како да ѝ ги постават на градоначалничката, освен на овие седници и на седниците кои што се предвидени за советнички прашања“, рече координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје, Марија Андоновска.

Таа додаде дека на овие седници, се носат и одлуки кои имаат финансиски импликации кои се пари на граѓаните, а од друга страна, ниту Советот, ниту граѓаните имаат информации каде завршуваат овие пари.

Координаторката на советниците од СДСМ и коалицијата Љубица Јанчева пак ја напушти седницата, со образложение дека сите нивни прашања биле подготвени за градоначалничката Арсовска.

Славески рече дека има намера да испрати писмо до сите меѓународни институции и организациии за односот на Арсовска кон Советот на Град Скопје, кон советниците и кон претседателот на Советот.

Во меѓувреме, од Град Скопје пристигна соопштение со фотографии од градоначалничката Арсовска на Водно, која била на увид во отпочнувањето на активностите за санација и одржување на две велосипедски патеки.

Фото: Град Скопје

„Посветено работиме согласно со програмата на сите активности со кои Водно зелениот штит на Скопје континуирано ќе се одржува со цел да се подобри целокупната грижа за планината. Отпочнавме со санација на велосипедските патеки во должина од 3000 метри, по што продолжуваме со пешачките патеки. Со дополнителна поддршка и проекти настојуваме да ги реализираме многубројните планирани активности за Водно со цел зазеленување, за што најавуваме акција за пошумување од почетокот на месец ноември во периодот на сезоната на садење“, истакна Арсовска.

Денеска се вршело отстранување на суви дрвја и грмушки, кроење на гранки, отстранување на камења, машинско косење и отстранување на отпадоци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците од утре на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од утре, 29 април, ќе бидат на пролетен распуст. Распустот ќе трае 8 дена, а во училишните клупи ќе се вратат...