Министерството за образование и наука (МОН) денеска го објави Конкурсот за доделување стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2023/2024 година.
Висината на стипендијата изнесува 6.000 денари месечно за девет месеци во текот на една студиска година.
Право на стипендија имаат студентите кои се припадници на ромската етничка заедница, кои се македонски државјани и не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании.
Стипендиите за студентите Роми ќе се доделат согласно критериумите – постигнат среден успех од сите години од средното образование за студентите запишани во прва година и постигнат среден успех од сите претходни студиски години за студентите од повисоките години.
Предност при селекција ќе имаат студентите Роми кои студираат на јавните или приватните факултети во земјава кои образуваат наставен кадар.
Студентите што ги исполнуваат условите треба да пополнат електронска апликација и да ја прикачат соодветната документација на порталот „е-услуги“ на МОН, најдоцна до 12 ноември.
Потребните документи и целиот конкурс може да се најдат на овој линк.