Апелацискиот суд Скопје ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1 за случајот „Монструм“ од 30 јуни 2014 година, со која шесттемина обвинети за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро беа осудени на доживотен затвор, соопшти денеска Апелацискиот суд Скопје.

„Апелациониот суд Скопје со пресуда КОКЖ.бр.108/14 од 9 октомври 2015 година, одлучувајќи по жалбите на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје и на обвинетите, ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1, КОК.бр.80/12; КОК.бр.88/13 од 30 јуни 2014 година, во предметот познат во јавноста како „Монструм“, стои во соопштението од судот.

Оттаму информираат дека по одржаната јавна седница и сеопфатна анализа на доказите и оцена на жалбите, Апелацискиот суд ги одбил како неосновани жалбите на обвинитетите А.И., А.Д., А.И., Ф.А. и С.Љ. прогласени за виновни за кривичното дело тероризам, како соизвршители, и на обвинетиот Х.А., прогласен за виновен за тероризам како помагач.

„Со одлуката на Апелацискиот суд Скопје, жалбата на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје, изјавена во ослободителниот дел на првостепената пресуда, со која обвинетиот Р.С. е ослободен од обвинението за кривичното дело тероризам од член 394-б, став 1, од Кривичниот законик, како соизвршител со другите обвинети, се одбива како неоснована“, стои во соопштението на Апелацискиот суд Скопје.

Убиството на четирите момчиња и на средовечен маж, се случи на Велики четврток во април 2012 година, кај Смиљковско Езеро.