Компанијата „Беса транс“ доби четиригодишна забрана за вршење дејност, а сопственикот на превозникот, Беким Хаџиу, доби 1 година и 8 месеци затвор. Ова е првостепената пресуда за случајот „Беса Транс“, а судијата Ивица Стефановски рече дека сопственикот и превозникот се виновни, бидејќи знаеле, а немале извод од лиценца која треба да ја издаде Министерство за транспорт и врски. Превозникот ја поминувал границата со лажен документ.
Во автобусот на „Беса транс“, кој се враќаше од Турција, на 23 ноември 2021 година загинаа 45 лица, од кои 12 беа деца.
Застапник на обвинението е обвинителот Владимир Милошевски. Тој наведе дека автобусот 20 пати преминал со фалсификувана лиценца на граничните премини во 2021 година, а 10 пати поминал на „Деве Баир“ и возел на релација од Скопје кон Истанбул.
Адвокатот ќе се жали на пресудата бидејќи смета дека ова кривично дело не е поврзано со несреќата која се случи во Бугарија.
„Ова е кривично дело во делот на работењето на правното лице ‘Беса Транс’. Ако се направи компарација со други направени вакви сличаи, сметам дека во оваа ситуација, казната е превисоко одмерена“, изјави Алиспахиќ Асмир, адвокат на „Беса Транс“ и на сопственикот Хаџиу.
Инаку, судскиот процес за причините за сообраќајната незгода се води во Бугарија.