fbpx

Пресудата за сопственикот на „Беса транс“ е за фалсификување исправа, а не за причините за несреќата

Овој случај, спротивно на она што се тврди во објавата што ја анализираме, не се однесува на причините за несреќата, чие утврдување е во надлежност на истражните органи во Бугарија. Ова го посочи и обвинителот Владимир Милошевски во изјава за медиумите и од скопскиот Кривичен суд

-

Сопственикот на „Беса транс“ доби казна од една година и осум месец затвор за делото фалсификување исправа за автобусот, со кој во ноември 2021 година во Бугарија загинаа 45 лица. Исто така, казнета е и фирмата „Беса транс“ како правно лице, со парична казна од 800.000 денари, како и мерка забрана за добивање лиценца за патен превоз во рок од четири години од правосилноста на пресудата. Овој случај, не се однесува на причините за несреќата, чие утврдување е во надлежност на истражните органи во Бугарија. Споредбата со делата за настаните на 27 април е сосема несоодветна, се работи за сосема различни кривични дела, при што осудените се гонеа за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која ја манипулира јавноста во врска со трагичната несреќа во Бугарија во која автобус на Беса транс се запали и загинаа 45 македонски државјани.

45 живи запалени-20 месеци затвор!?
27ми април ниеден мртов-300 години затвор!?
Кубење коса-4 години затвор!?, стои во објавата.

Имено, на 7 март скопскиот Кривичен суд на сопственикот и управител на фирмата „Беса транс“, Беким Хаџиу му одреди казна од една година и осум месец затвор за делото фалсификување исправа за автобусот, со кој во ноември 2021 година во трагична несреќа во Бугарија загинаа 45 лица. Тој е осуден за кривичното дело по член 378 став 3 во врска со став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик кој предвидува казна од три месеци до пет години.

Принтскрин од Киривичен законик

Како што објави „360 степени“, во случајот обвинета е и фирмата „Беса транс“ како правно лице, а која Основниот кривичен суд Скопје, исто така, ја прогласи за виновна за кривичното дело фалсификување исправа и ѝ одреди парична казна од 800.000 денари (околу 13.000 евра), како и мерка забрана за добивање лиценца за патен превоз во рок од четири години од правосилноста на пресудата.

Овој случај, спротивно на она што се тврди во објавата што ја анализираме, не се однесува на причините за несреќата, чие утврдување е во надлежност на истражните органи во Бугарија. Ова го посочи и обвинителот Владимир Милошевски во изјава за медиумите и од скопскиот Кривичен суд.

За причините за несреќата ќе мора да се обратите до Обвинителството кое е надлежно, а тоа е во Република Бугарија, рече обвинителот, пренесе „360 степени“.

Дека овој предмет не се однесува на причините за несреќата, преку соопштение, посочија и од Основниот кривичен суд Скопје.

Заради одредени медиумски натписи кои беа лиферувани во текот на судската постапка, ја информираме јавноста дека кривично – правниот предмет, согласно поднесениот обвинителен предлог, а и како што Јавниот обвинител и бранителот на обвинетите изјавија во судот, се однесува само на наведеното кривично дело и не е поврзан со автобуската сообраќајна несреќа која во ноември 2021 година се случи во Р.Бугарија, соопштија од Судот.

Истрагата за автобуската несреќа се водеше во Бугарија и одговорноста беше посочена кон возачот, кој е меѓу загинатите. Бугарските истражители утврдиле дека возачот изгубил контрола врз автобусот.

Проблемот со лиценцата, како што информира Телма, беше откриен по несреќата, откако надлежните ја проверуваа фирмата по што беше поднесено обвинение во септември во 2022 година.

Другиот предмет кој се поврзува со оваа фирма, е за станицата „Виа комерц“, каде автобусот на „Беса транс“ го имал последниот преглед, пишува Телма. Предистрагата се однесуваше на ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој го потпишал решението за привремена забрана за работа на оваа станица за технички преглед, три дена по несреќата, иако уште на крајот на август, надлежните служби дале таков предлог.

По две години предистрага, на 1 март, Обвинителството за организиран кримнал соопшти дека не пронашле елементи на кривично дело.

Што се однесува до споредбата со делата за настаните на 27 април и насилството кое тогаш беше извршено врз тогашната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, таа е сосема несоодветна, бидејќи се работи за сосема различни кривични дела и за коишто се пропишани казни во Кривичниот законик, и такви казни доделуваат судиите, не ги измислуваат, ниту пак, ги одредуваат по своја волја.

Понатаму, севкупната висока затворска казна за настаните од 27 април нема врска со тоа дали имало или немало мртви, туку затоа што осудените се гонеа за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, според членот 313 од Кривичниот закон.

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години, предвидува овој член.

Во овој случај имаше повеќе обвинети и нивната вкупна казна не може да се спореди со казната на еден обвинет, во случајот за фалсификување патна исправа од страна на сопственикот на „Беса транс“.

Имено за настаните од 27 април беа осудени на затворски казни за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста вкупно 16 лица и нивната вкупна затворска казна е 188 години, а не 300 како што се тврди во објавата што ја анализираме. Тука треба да се напомене и дека пред Основниот кривичен суд сè уште се наоѓа предметот во јавноста познат како „Организаторите на 27 април“. Таму обвинети се: поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. И тие се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

За случајот во Основниот кривичен суд Скопје јули 2021 беше донесена првостепена пресуда со која Вељаноски, Ристовски и Јанакиески добија по 6 години и 3 месеци затвор, а Атанасовски на 6 години затвор. Меѓутоа, Апелација на 3 април годинава соопшти дека одлучила да ја укине оваа пресуда и да го врати предметот на повторно судење.

Што се однесува до „кубачот на Шеќеринска“, тој беше осуден за за кривичното дело „насилство“ за кое е предвидена казна затвор во траење од 3 до 10 години.

Панче Ангелов, кој ја кубеше и ја повреди министерката за одбрана Радмила Шеќеринска за време на крвавите насилства во Собранието на 27 април, доби затворска казна во траење од четири години, одлучи Основниот суд Скопје 1 на 12 октомври 2017 година.

Судиите можат да доделуваат казни кави што ги има во законите и според упатствата на Министерство за правда. Не можат сами да си измислуваат. Казните кои ги доделиле судиите во трите случаи се предвидени и пропишани во Кривичниот законик.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека пресудата за сопственикот на „Беса транс“, нема никаква врска со причините за автобуската несреќа, туку таа се однесува на кривичното дело фалсификување исправа. Во овој случај, казнета е и фирмата „Беса транс“ како правно лице, односно Судот ѝ одреди парична казна од 800.000 денари (околу 13.000 евра), како и мерка забрана за добивање лиценца за патен превоз во рок од четири години од правосилноста на пресудата. Овој случај, спротивно на она што се тврди во објавата што ја анализираме, не се однесува на причините за несреќата, чие утврдување е во надлежност на истражните органи во Бугарија. Ова го посочија и обвинителот Владимир Милошевски во изјава за медиумите и од скопскиот Кривичен суд.

Поради сето ова можеме да кажеме дека објавата што ја анализираме е неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...