Објавен македонски превод на историскиот роман „Раскажувачот“ на словенечката писателка Мирана Ликар

Овој превод премногу ми значи и јас сум пресреќна што луѓето ќе може да ја читаат книгата на македонски јазик, вели писателката Мирана Ликар во изјава за Мета.мк

Раскажувачот Pripovedalec
Словенечкото и македонското издание на романот „Раскажувачот“ на Мирана Ликар. На насловните страници е фотографија на Еди Шелхаус од Националниот музеј на современа историја на Словенија. Фото: Мета.мк.

Издавачката куќа „Полица“ од Скопје објави превод на романот „Раскажувачот“ на словенечката писателка Мирана Ликар, кој пренесува уникатно сведоштво за човечките судбини зафатени со виорот на историските случувања во текот на дваесеттиот век.

„Овој превод премногу ми значи и јас сум пресреќна што луѓето ќе може да ја читаат книгата на македонски. Благодарноста за преводот ја  упатувам на преведувачот Давор Стојановски и на издавачката куќа Полица,“ рече писателката Мирана Ликар во изјава за Мета.мк.

Мирана Ликар. Фото: Ана Павленч, објавено со дозвола

Романот „Раскажувачот“ (на словенечки: „Pripovedalec“) првобитно го има објавено издавачката куќа Гога од Ново Место во 2020 година. Тој ја пренесува  приказната за човекот кој во текот на Втората светска војна сменил седум униформи и успеал да преживее, но војната трајно го обележала. Тој бил еден од многуте луѓе од нашите простори кого историјата го присилила да помине незамисливо долг пат.

Приказната ни зборува за тоа што се крие под секоја надворешност која мора да се прилагоди на моменталните околности, кои во време на војна се тешки и опасни, а за да се преживее. Иако протагонистот успеал да преживее затоа што бил спремен да учи и раскажува, тоа е приказна и за конспирацијата, за молчењето и за чумата на идеологиите кои ги обликувале и ги уништувале човечките судбини.

Романот за основа ја има вистинитата приказна на Николај Штурм, кој во текот на својата одисеја која ги опфаќала Словенија, Хрватска, Австрија, Германија, Украина, Русија, Грузија, Романија, Србија… ги користел и имињата Миколај Штурм, Волфганг Фишер и Коля Николайевич Штурм.

Покрај бележењето на оралната историја на протагонистот, авторката како дел од истражувањата проучила и два докторати на теми за присилно мобилизираните во германската војска, семејни архиви, дигитализирани написи од весници и документи од Дигиталната библиотека на Словенија, како и курс на далечина за „Феноменот на војната“ од Универзитетот во Лајден.

„Раскажувачот“ бил номиниран за наградата Кресник за најдобар роман на годината и за Цанкаровата награда, која се доделува за  избор меѓу сите литературни жанрови.

Мирана Ликар има дипломирано на Филозофскиот факултет во Љубљана, каде студирала словенечки јазик и библиотекарство. Почнала да пишува релативно доцна, во зрелите години.

Нејзината прва книга „Саботни приказни“ („Subotnje priče“), збирка кратка проза објавена од Цанкарјева заложба во 2009 година била номинирана за наградите Фабула и Најдобар првенец. Авторката објавува во сите словенечки медиуми посветени на литературата, а нејзините раскази имаат освоено повеќе награди. По првата збирка, има објавено уште три збирки кратки приказни и три романи.

Македонскиот е прв јазик на кој е преведен романот „Раскажувачот“. Претходно, во 2012 година, меѓународното списание „Блесок – литература и други уметности“ го има објавено превод нејзиниот расказ „Светлоста во август“, на македонски и на англиски јазик.