(ИНТЕРВЈУ) Бендот Џокер Аут за европската турнеја, креативниот процес и Евровизија

Во текот на турнејата, тие учествуваа на конференцијата Пин во Скопје, а членовите на бендот Наце и Крис разговараа со Мета.мк за креативниот процес, Евровизија, турнејата и секако, за претстојниот албум

Photo Source: טל ניסן - Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=130531463

Словенечкиот бенд Џокер Аут достигна огромен пораст на слава по настапот на овогодинешната Евровизија и го надоврза успехот со голема европска турнеја. Иако се оформуваат како средношколски бенд и минуваат низ неколку промени на членовите, денес бендот се смета за еден од најуспешните словенечки изведувачи, а тековно и го проширува својот музички опус ширум континентот.

Бендот има пет члена кои заедно создаваат моќен ансамбл со уникатен звучен идентитет кој беспрекорно ги спојува нивниот динамичен звук, позитивна енергија и лично напишани стихови. Петте членови се Бојан (вокал), Крис (гитара, придружен вокал), Наце (бас), Јуре (тапани) и Јан (гитара). Во текот на турнејата, тие застанаа во Скопје на музичката конференција Пин каде членовите на бендот Наце и Крис разговараа со Мета.мк за креативниот процес, Евровизија, турнејата и секако, претстојниот албум.

Што ве научи искуството со големата европска турнеја? 

Наце: Првото нешто што научивме е да живееме поздраво.

Крис: Тоа е првото нешто што го научивме за нас лично, но како музичари го подобривме свирењето, никогаш не сме свиреле вака добро и синхронизирано, особено затоа што Наце е со нас само една година, а напредокот навистина се забележува. Второ, нашиот креативен процес стана многу поенергичен и поексплозивен, немаме многу време да создаваме нови песни, но кога ги создаваме, вложуваме многу и секогаш излегува нешто добро.

Бидејќи Наце се приклучува во бендот подоцна од останатите членови, како се синхронизиравте во однос на процесот на создавање на вашата музика? Дали има многу разлики и несогласувања при креативниот процес?

Крис: Треба да има разлики меѓу луѓето кои создаваат музика за да направат нешто навистина уникатно, бидејќи ако сите мислат исто, никогаш нема да добиете нешто уникатно како резултат. Но, мислам дека никогаш немало никакви разлики што не сме можеле да ги надминеме. Никогаш не сме се расправале за песна.

Наце: Разлики секогаш има без разлика што создавате, но тоа не е лоша работа.

Вашиот претстоен албум ќе содржи песни на повеќе јазици, па дали ќе вклучите странски продуценти и текстописци во креативниот процес или сè уште ќе продолжите да работите со вашата досегашна екипа?

Крис: Во однос на креативниот процес, навистина не менуваме многу за следниот албум, ќе го правиме со истиот продуцент, и понатаму лично ќе ги пишуваме песните исто како што правевме претходно. Она што ќе се промени е местото каде што ќе ја создадеме музиката. Во јануари се селиме во Лондон и ќе останеме два месеца.

Наце: Таму ќе ги пишуваме песните.

Крис: Во март имаме турнеја, а потоа ќе ги снимаме песните, можеби во Лондон, можеби не, ќе видиме. Во врска со целокупниот процес, мислам дека нема многу да се промени бидејќи сакаме да работиме со нашиот продуцент, Жаре, и не сакаме да престанеме да работиме со него. Текстовите отсекогаш ги пишувавме и на англиски и на словенечки. Во нашиот втор албум насловен „Demoni” кој сега е на словенечки и српски, во еден момент барем половина од првите верзии на песните беа напишани на англиски јазик. Така што, пишувањето и правењето музика на англиски е само ново за нас, во смисла дека сега и ќе ги издадеме песните на англиски, а не само да ги пишуваме.

Зошто го избравте Лондон за град во кој ќе го пишувате вашиот претстоен албум?

Крис: Некако има смисла, знам дека е клише музичарите да одат во Лондон, но имаме меѓународен тим кој почна да се развива околу нас и тие се со седиште во Лондон, а и колективно го сметавме Лондон за многу инспиративен град во краткиот период кој го поминавме таму оваа година. Сакавме целосно да го промениме нашиот „хедспејс” и околината и да видиме што ќе направи тоа во однос на нашата музика.

Фото: Мета.мк

Дали има некои балкански музичари кои ја инспирирале или влијаеле врз вашата музика?

Наце: Да, ги има многу. Бијело Дугме, Парни Ваљак се некои од нив.

Крис: Бидејќи сме во Македонија, Бојан штотуку спомена дека Тоше Проески е неговиот најслушан музичар на Спотифај оваа година. Има многу различни влијанија, но би рекол дека најмногу не инспирираат старите рок бендови. Класиците.

Која песна од вашата дискографија зазеде најмногу време за создавање?

Крис: Би рекол „Novi Val” но не затоа што за самата песна ни требаше толку долго, туку затоа што песната што ја имавме наместо „Novi Val”, ја создававме најмалку половина година и бевме незадоволни од секоја верзија што ја пробавме. А потоа една недела пред крајниот рок, нашиот продуцент рече дека треба да одлучиме што ќе се случи со песната. Решивме да не ја издаваме песната, и Бојан влезе во соба и така ја напиша „Novi Val”. Процесот на создавање на „Novi Val” беше брз, но за да стигнеме дотаму ни требаше долго време.

Како одлучувате кои песни се доволно добри за да се најдат на албумот и кои ќе бидат изоставени?

Крис: Тешко е да се каже кои се објективни критериуми овде, но ако ние петмина и нашиот продуцент не уживаме во песната, тогаш не е добра. Тоа е сè што можам да кажам.

По Евровизија, дали мислите дека се промени перцепцијата за вас како бенд во Словенија?

Крис: Оваа година беше навистина посебна, не само за нас, туку и за Словенците кои ја следат Евровизија, или не ја следеа пред оваа година. Многу ми е драго што можеме да кажеме дека ја сменивме, или барем делумно ја сменивме перцепцијата за Евровизија таму и донесовме таканаречена спортска атмосфера околу настанот каде што луѓето од нивната област застануваат зад својот претставник во што и да се натпреварува, што ретко се случува за Евровизија, но редовно се случува во спортот. Оттаму, мислам дека дефинитивно ја сменивме оваа перцепција во Словенија кон луѓето, исто така, и соодветно ја променивме нивната перцепција за нас, така што барем сакам да сметам дека ние сме бендот кој некако и донесе моќ и значење на Евровизија во Словенија.

За вашиот специфичен инструмент, има ли песна што е најтешка да се свири во живо или дали сето тоа станала лесно додека сте на турнеја?

Крис: Музиката никогаш не е завршен процес, секогаш учите и се подобрувате, па бидејќи моментално би сакал да ги подобрам моите вештини за акустична гитара, ќе ја истакнам песната „Padam” од нашиот втор албум.

Ако има некоја песна од балкански изведувач, која би можеле да ја додадете во својата дискографија и да кажете дека вие сте ја направиле и напишале, која песна би била таа?

Крис: Ох, има бесконечно балкански песни за кои би сакал да тврдам дека се мои, но моментално ми текнува на една, а тоа е „Idemo do hodnika” од Буч Кесиди. Тоа ми беше најслушаната песна оваа година. Би сакал да можам да кажам дека јас сум ја напишал.