Балканот и ЕУ: Фокусот е свртен од европските пари, а „тешките“ разговори за интеграција се во втор план

Зајакнувањето на регионалниот идентитет се огледа не само во цврстата регионална условеност, туку и на други нивоа. Од Пакетот за проширување наваму, во контекстот на интеграција во ЕУ, земјите од регионот скоро и да не се споменуваат одделно, туку како „државите од Западниот Балкан“

Лидерите од Западен Балкан во декември 2023 година / форо: Совет на ЕУ

Анализа за Порталб.мк на Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Не можеме да се пожалиме дека челниците од регионот не се виѓаваат често. По средбата за Планот за раст минатиот месец во Скопје, премиерите/претседателите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора повторно минатата седмица се најдоа на две средби. Првата беше годишниот состанок на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Втората беше „дводелниот“ самит во Тирана – со Украина и, повторно, за Планот за раст.

Последниве средби само го потврдуваат трендот на настаните поврзани со регионот од објавувањето на Пакетот за проширување во ноември 2023 година.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Првиот е продолжениот фокус на Планот за раст. Она што досега го гледаме е дека претставниците од регионот се во улога на „добри исполнители“, па ја повторуваат нивната посветеност на реформите. Тие, со веќе напишани „реформски агенди“ го чекаат донесувањето на Регулативата која треба да ги поддржи тие агенди. Неодамна премиерите на неколку држави членки на ЕУ ургирале кај европските институции да се забрза постапката, за Регулативата „тешка“ 4 милијарди евра во заеми и 2 милијарди во грантови да не остане за по европските избори.

Вториот е цврстото поврзување и условеност на интеграцијата со ЕУ со регионалната интеграција. Како што веќе констатиравме, Планот нуди фрагментиран и прилично ограничен пристап до некои делови од пазарот на ЕУ со цел „унапредена економска интеграција со ЕУ“. Она што се најавува е подготовка на нови планови и патокази – напоредно или комплементарно со регионалните. Или, како што изрично се вели во последната Заедничка изјава „разговараме за конкретни иницијативи во поединечни области и идентификуваме клучни дејства кои треба се преземат“. Засега поконкретно се зборува за подготовки за влез во Единствената европска платежна област (СЕПА) и за „Зелените коридори“. Сепак, досега никој не пресметал колку време ќе треба за целосна (макар и само економска) интеграција во ЕУ, ако се продолжи со ова темпо.

На состанокот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) беше истакнато дека на регионот ќе му требаат 40 до 70 години за да го достигне просечниот Бруто домашен производ (БДП) по глава на жител на ЕУ. Иако ова беше пренесено како главна вест, секако не е новост. Слични проценки се експлоатираат повеќе од дваесет години, па и од самата ЕБОР во анализата од 2016 година. Дури и препораките за приоритети се слични: 1) забрзување на „зелената транзиција“, фокусирано на енергијата; 2) унапредување на јавното владеење; 3) поголема отвореност за трговија и инвестиции. Ние и понатаму можеме да се прашуваме или да се обвинуваме дали е проблемот во препораките или во нивното неспроведување, но факт е дека работите значително не се придвижуваат.

Извор: ОЕЦД, табла за економска конвергенција за Западен Балкан 2023 година

Зајакнувањето на регионалниот идентитет се огледа не само во цврстата регионална условеност, туку и на други нивоа. Од Пакетот за проширување наваму, во контекстот на интеграција во ЕУ, земјите од регионот скоро и да не се споменуваат одделно, туку како „државите од Западниот Балкан“, покрај Украина, Молдавија и Грузија.

Гео-политичката боја на процесот дојде до израз преку Декларацијата од Тирана на претставниците на државите од Западниот Балкан  (заедно со премиерите на Бугарија, Романија и Хрватска) и украинскиот претседател Зеленски, во која  се повторува осудата на Русија и поддршката на Украина. Посебно се забележува потписот и на српскиот претседател Вучиќ, кој, пак, потпишувањето го „оправда“ со отсуството на став за санкциите кон Русија. Она што не стои во Декларацијата, а беше една од главните вести, е предлогот на украинскиот претседател за заедничко производство на оружје.

Сепак, средбите поминаа без силно политичко присуство од страна на Унијата која главно ја претставуваше комесарот за соседство и проширување.

Се чини побитно она што не беше во фокусот последниов период, а тоа се: 1) преговорите за членство; 2) нерешените прашања во регионот.

За многумина е очекувано пред избори во ЕУ да не се крева многу прашина околу прашања што политичарите ги сметаат за осетливи во изборите. Така веројатно треба да се сфати и неодамнешната изјава на сегашната и кандидатка за идна претседателка на Европската комисија фон дер Лајен дека донесување на преговарачка рамка за Украина најверојатно нема да се случи во март, како што беше најавувано, туку по изборите.