fbpx

Антиваксерска објава шири невистини дека се прави геноцид врз децата

Независни проверувачи на факти, исто така, ги дебанкираа тврдењата кои ги поврзуваат зголемените стапки на аутизам со вакцинацијата кај децата

-

Не постојат медицински и научни докази кои ги поврзуваат вакцините со појавата на аутизмот кај децата. Наспроти тоа, има медицински докази дека вакцините заштитуваат и спречиле да се искоренат многу болести во минатото. Во последните години има зголемување на стапките на аутизам, но тоа нема никаква врска со вакцините и сето тоа го докажуваат бројни научни студии, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која шири антиваксерски ставови дека вакцините имаат поврзаност со појавата на аутизам кај децата.

LUGEE…. CHUVAJTE SI GI DECHINJATA… OVIE NEMAAT MILOST IMAAT SAMO CIFRA KOJA TREBA DA JA ISPOLNAT, CHUVAJTE SI GI NAJMILITE….DECHINJATA I VNUCHUNJATA, TOGASH I GOSPOD BOG KE BIDE SO VAS ,стои во објавата која ја анализираме.

Објавата споделува и фотографија со која се тврди дека бројот на вакцини кои ги примаат новороденчињата во САД од 1986 година до 2024 година се зголемил речиси шестпати. Според фотографијата, бројот на деца заболени со аутизам во САД, исто така, се зголемил и тоа се препишува на вакцините.

Истата фотографија може да се најде и во друга објава која, пак, предупредува дека со вакцините се прави геноцид врз децата.

Човештво, наука, цивилизација, која не може, не сака, мрзлива е, да даде одговор на овој геноцид врз децата, не може да се нарече цивилизација, човештво, развиена, стои во втората објава.

Објавата нуди неточни податоци во врска со вакцините препорачани од Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ).

Имено, помеѓу 1985 и 1994 година, распоредот за имунизација на децата вклучувал пет вакцини, според временската рамка на Колеџот за лекари во Филаделфија (архивирана овде). До 2006 година, тој број се искачил на 12.

Според проверувачите на факти на АФП во распоредот за имунизација на ЦДЦ за деца и адолесценти (архивиран овде) има 20 вакцини, од кои за повеќето се предвидени повеќекратни дози (ревакцинација),  а некои може да се понудат како комбинирани вакцини. Распоредот за возрасни (архивиран овде) имал 19 вакцини, пишува АФП.

Во С. Македонија постои календар за редовна имунизација на децата. Во тој календар е предвидено која вакцина на која возраст треба да се прими, почнувајќи од првите 24 часа од раѓањето на новороденчето. Задолжителни, според Законот за заштита на населението од заразни болести каде се предвидуваат и казни за неспроведувањето, се вакцините против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис.

Што се однесува до тврдењата дека вакцините предизвикуваат аутизам кај децата, истите кружат на интернет одамна и ги споделуваат застапниците на антиваксерството. Овие тврдења особено се засилија во период на пандемијата со ковид-19, а деновиве кружат на социјалните мрежи и поради епидемијата на голема кашлица во земјава.

Тврдењата дека вакцините од детството предизвикуваат аутизам датираат од статија од 1998 година објавена во медицинското списание Лансет. Британскиот лекар Ендру Вејкфилд тогаш го поврза вакцинирањето со ММР вакцината (сипаници, заушки и рубеола која обично се дава на доенчиња и мали деца) со аутизам.

Сепак, Лансет ја повлече студијата во 2010 година, откако беше откриено дека вклучува фалсификувани податоци. Британските медицински власти подоцна ја повлекоа лиценцата на Вејкфилд да се занимава со медицина.

За жал, неговото објавување предизвика паника што доведе до намалување на стапките на имунизација и последователни избувнувања на овие болести, вели Светската здравствена организација на својата веб-страница (архивирана овде).

Најмалку 20 студии покажуваат дека вакцините не се поврзани со аутизмот. Тоа во интервју за „Вистиномер“ (декември 2021) го потврдува и пензионираниот раководител на службата за општа хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово, доктор Џавид Фејзули. Во интервјуто тој ги нагласува придобивките од вакцинацијата, а изнесува и свој став за антиваксерите.

Со вакцинација ние спречивме детска парализа, дифтерија, тетанус, заушки, доста заразни болести кои напаѓале и од кои се умирало. Но, еве ги немаме тие болести и тоа значи дека вакцинацијата како медицинска метода е за поздравување и целта е да спречи болест или да ја ублажи. Ама, сега оваа работа е испревртена и од одредени лекари. Ќе се најдат лекари, не знам како, но моја претпоставка е поради одредени интереси, ќе покренат прашање што не е докажано и ќе го форсираат во јавноста. Земете пример со аутистичниот спектар, цел свет се дигна на нозе дека поради одредена вакцина се појавува аутизам кај децата, а тоа го пласираат колеги лекари. Сега одредени американски статистики, велат дека на секои 50 породувања има по едно аутистично дете, ама не е од вакцината и тоа официјално се докажа. Така што, сега ако некој лекар каже нешто, широката маса се приврзува кон тоа што го кажал и затоа се појавуваат антиваксери, посочува д-р Фејзули.

На оваа тема имаат пишувано и странските проверувачи на факти.

Сите вакцини од распоредот за имунизација на ЦДЦ се подложени на ригорозен процес на тестирање и одобрување пред да бидат додадени. Испитувањето од 2013 година на препорачаните вакцини од детството (архивирано овде) не открило докази за големи безбедносни грижи, пишува АФП.

Канцеларијата за безбедност на имунизација на ЦДЦ во изјава за АФП вели дека вакцините „не предизвикуваат аутизам“.

Безбедноста на сите вакцини внимателно се следи пред издавањето дозволата (лиценцата), а надзорот на безбедноста е во тек и по лиценцирањето. Нема податоци што укажуваат на причинско-последична поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот, се вели во соопштението на канцеларијата испратено до АФП.

Според ЦДЦ едно од 36 деца има пореметување на аутистичниот спектар (АСД) – сооднос повеќе од четирипати поголем отколку пред две децении (архивирано овде). Сличен глобален тренд откриле и истражувачите.

АСД е развојна попреченост предизвикана од разлики во мозокот, вели ЦДЦ на својата веб-страница.

Неколку студии (архивирани овде) проценуваат дека распространетоста на АСД во 1980-тите била многу помала отколку што е денес. Но, постојат неколку потенцијални причини за последователниот скок кои немаат никаква врска со вакцинацијата.

Други независни проверувачи на факти, исто така, ги дебанкираа тврдењата кои ги поврзуваат зголемените стапки на аутизам со вакцинацијата кај децата.

Вистиномер претходно ги има дебанкирано разните верзии на оваа антиваксерска теорија.

Од сето ова можеме да заклучиме дека не постојат медицински и научни докази кои ги поврзуваат вакцините со појавата на аутизмот кај децата. Наспроти тоа, има медицински докази дека вакцините заштитуваат и спречиле да се искоренат многу болести во минатото. Вакцините не се штетни за децата, напротив тие можат да ги заштитат, а спротивните тврдења се само продолжение на добро познатата антиваксерска теорија. Во последните години има зголемување на стапките на аутизам, но тоа нема никаква врска со вакцините и сето тоа го докажуваат бројни научни студии. Оваа манипулативна објава, исто така, дезинформира и за бројот на вакцини кои ги примаат децата во САД. Поради тоа, истата ја оценуваме како неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петнаесет работници лани загинале на работните места

Утре, в недела, на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, во паркот на улицата Пандил Шишков во општина Аеродром ќе бидат засадени 15 дрвца, колку што изнесува...