Антимигрантски бран: Кои невистини се шират за мигрантите во Србија?

-

Антимигрантскиот бран е сѐ погласен во Србија. Иако, според последниот извештај на Европската Комисија, Србија доби позитивна оценка кога станува збор за уреденоста на системот на прифат и управување со миграциите, за мигрантите сѐ почесто се зборува во негативен контекст – дека крадат, силуваат и вршат и други кривични дела во Србија. Незадоволството од нивниот престој во Србија се аргументира на различни начини – најпрвин, дека им се доделува парична помош, им се купуваат куќи и станови и им се доделува државјанство. А спорно прашање е и дали Србија навистина склучила договор со Австрија за враќање на мигрантите во нашата земја. Истражувавме дали нешто од тоа – и што – е вистина.

Нетрпеливост кон мигрантите што престојуваат во Србија во текот на викендот искажаа и припадниците на тн. „Народна патрола“, заканувајќи им се и порачувајќи им дека „сите следни вечери ќе бидат на улиците и дека не им се исплатува да ги гибаат нашите жени, нашите деца и луѓе“. Додека експертите говорат дека тука станува збор за расизам, се чини дека обвинителството реагира, оти нареди да се испитаат фактите и околностите.

Освен споменатата „патрола“, антимигрантската реторика е видно присутна и кај одредени политички партии. Најгласни во тоа се „Dveri“ (Двери) и „Dosta je bilo“ (Доста беше).

Лидерот на „Двери“, Бошко Обрадовиќ, гостувајќи во почетокот на февруари во емисијата „Utisak nedelje“ (Впечатокот на неделата) укажа на бројот на кривични дела во Србија зад кои, како што рече, стојат мигранти. Како што рече, тој не би „си дозволил да биде толку опуштен“ во однос на мигрантите кога ќе земе предвид колку има насилство, кражби и обиди за силување во Србија, но и во Европа.

Го замоливме да ни достави податоци за бројот на кривични дела извршени од мигранти во Србија. Но тој ни одговори дека до точните податоци е невозможно да се дојде, бидејќи „МВР ги крие“.

-Имаме само различни вести од разни српски градови, кои се исто така медиумски цензурирани. Повеќе пати се обраќавме до МВР, како и до владата на Србија поради договорот со Австрија, но нема одговор на нашите пратенички прашања – рече Обрадовиќ за „Истиномер“.

МВР на пратеничките прашања на „Двери“ сепак одговорило во два наврата.

Во текот на 2018 година, од МВР во одговор на пратеничкото прашање на „Двери“ навеле дека „142 нерегуларни мигранти, на териториите на Белград, Врање, Валево, Нови Пазар, Сомбор, Суботица, Кикинда, Сремска Митровица и други градови извршиле 101 кривично дело“.

Од јануари до октомври 2019, на териториите на Врање, Белград, Шабац, Нови Пазар, Сомбор, Суботица, Кикинда, Сремска Митровица и други градови,  162 нерегуларни мигранти извршиле 113 кривични дела.

Меѓутоа, не се наведува кои кривични дела се во прашање.

Инаку, според податоците на Републичкиот завод за статистика (РЗС), во 2018 година биле пријавени вкупно 92.874 кривични дела. Од тоа, осудени се 29.750 луѓе.

Значи, само во 2018 година имало повеќе од 90.000 пријавени кривични дела, а мигрантите, според податоците на МВР, во тој период извршиле 101 кривично дело.

Бидејќи РЗС не располага со податоци за бројот на кривични дела коишто биле извршени токму од мигранти, а со самото тоа, ниту со податоци за кои кривични дела станува збор, се обративме до МВР. Но одговори не добивме.

Значи, анализирајќи ги приложените податоци, не може да се зборува за бројот на кражби и обиди за силување, како и други облици на насилство од страна на мигрантите.

Ѓуровиќ: Мигрантите една од најмирните популации

Во Србија, инаку, според проценките на Центарот за заштита и помош на барателите на азил, моментно престојуваат над 7.000 мигранти. Радош Ѓуровиќ, директор на Центарот, зборувајќи за однесувањето на мигрантите, за Истиномер вели дека во однос на вкупниот број жители на Србија, бројот на кривични дела што тие ги извршиле е „инсигнификантен“.

-Главно тоа се судири помеѓу нив самите, односно нарушување на јавниот ред и мир, или ситни кражби во продавница. Посериозни кривични дела има многу малку. ,Мигрант’ е многу неодреден поим и мигрантите некоја заедничка карактеристика, освен што ги напуштиле своите домови, и немаат. И можам да кажам дека се една од најмирните популации – вели Ѓуровиќ.

Дека имало судири меѓу мигрантите потврдуваат и новинските наслови. Имено, во јуни минатата година еден мигрант од Авганистан е убиен во Караѓорѓева улица. Утврдено е дека го усмртил негов сонародник, којшто малку подоцна бил убиен во одмазда.

„Никој не добил државјанство“

Од почетокот на мигрантската криза, низ Србија поминале повеќе од милион луѓе. Некои од нив останале во Србија, а некои од Србија се вратени од други земји.

Во Србија во периодот од 1 јануари 2018 до 25 ноември 2019 година, во склад со Спогодбата со ЕУ за реадмисија, се вратени 59 државјани на трети држави, велат податоците на МВР. Во истиот период,  11.663 странски државјани изразиле намера да поднесат барање за азил, додека азил побарале 210 лица.

„Ниту еден мигрант од подрачјата на Африка, Авганистан, Иран, Ирак и Сирија не добил државјанство на Република Србија“, наведуваат од МВР.

Меѓутоа, да потсетиме дека претседателот на Србија Александар Вучиќ понуди уште во август 2017 државјанство на младиот сликар, момчето Фархад Нури од Авганистан и на неговото семејство, а државјанствата им се доделени во април 2018 година.

Второто барање од движењето Двери се однесувало на бројот на мигранти што барале азил во Србија во периодот од 1 јули 2011 до 31 декември 2016 година, како и бројот на оние на кои им е признато правото на засолниште или им е доделена супсидијарна заштита.

Супсидијарната заштита, според Законот за азил и привремена заштита, претставува „заштита што Република Србија ја одобрува на странец којшто во случај на враќање во државата на потекло или државаат на вообичаен престој би бил изложен на поднесување сериозна неправда и којшто не може или поради таквата опасност не сака да се стави под заштита на таа држава“.  

Вкупно 618.412 странски државјани барале или изразиле намера да бараат азил во наведениот период. Од тоа, најголем број биле Сиријци – 316.224, потоа 171.867 државјани на Авганистан и 79.165 Ирачани.

Право на засолниште или супсидијарна помош во периодот од 1 април 2008 година до крајот на 2016 година добиле 88 луѓе, а од тоа азил во опсегот на заштита на бегалци добило 41 лице. На останатите им е доделена супсидијарна заштита.

Спорниот договор со Австрија

Обрадовиќ во свои претходни излагања го споменуваше и договорот со Австрија што го потпиша Србија, а се однесува токму на враќањето мигранти во Србија.

Иако домашните власти не зборуваат за ваков договор, поранешниот министер за внатрешни работи Херберт Кикл беше јасен кога во септември 2019, гостувајќи во емисијата „Во центар“ на австрискиот јавен сервис, рече дека со Србија склучил договор според кој мигрантите на коишто во Австрија им е одбиено барањето за азил, ќе бидат вратени во Србија. Како што рече, се обиделе да ја затегнат „контролата за да се направи разлика дали некои има легален престој или не“.

 

Кикл и понатаму тврди дека постои таков договор, но додава дека не знае што се случило со тој договор откако заминал од власта.

„Сега можам да го кажам тоа: во текот на министерскиот мандат наложив да се испреговара договор со Србија во кој се согласивме таму да управуваме заеднички со центар за повратниците. Таму би можеле да ги испратиме луѓето што немаат право на азил, но кои нивните матични земји не сакаат да ги примат“,  вели Кикл во интервју за австрискиот „Клајне цајтунг“.

Дали таков договор постои или пак се темели на Спогодбата на Државната заедница на Србија и Црна Гора со Австрија од 2003 година, во врска со „враќање и прифаќање лица со нелегален престој“, останува на нивото на шпекулации.

За бројот на мигрантите зборуваше и претседателот Вучиќ. Тој кон крајот на октомври 2019 рече дека Србија „до 2028-2030 ќе направи нулто миграциско салдо“. Односно, ќе имаме еднаков број на емигранти и имигранти.

По 2030 ќе имаме поголем број на имигранти од емигранти, што е една од работите што може да помогне за опстанокот на Србија“, рече Вучиќ.

 

Куќи и станови за мигрантите – невистини?

Во прифатните центри и центрите за азил, кои се 17 на број во Србија, сега се сместени 4.427 мигранти, од тоа 807 деца. Според податоците што на својот официјален веб-сајт ги наведува Комесаријатот за бегалци и миграции, најголем број се од Авганистан, Сирија, Пакистан, Ирак и Бангладеш.

Според извештајот на Европската комисија за 2019 година, во државните центри се сместени помеѓу 80 и 90 отсто од мигрантите. Србија им обезбедува „значителен обем здравствени услуги преку својата редовна здравствена служба“, а на децата им е обезбедено образование.

Вниманието на јавноста го предизвикаа приказни дека државата парично ги помага мигрантите што останале во Србија, како и дека им купува куќи и станови.

Ѓуровиќ на таквите наводи одмавнува со глава. Истакнува дека постојат луѓе што добиле азил, а не се сместени во прифатни центри, па може да конкурираат за социјална помош. Но тоа нужно не значи дека ќе ја добијат.

На мигрантите им се доделувала помош, но донатор била главно Европската Унија.

„ЕУ преку различни проект ѝ помага на Република Србија и обезбедува хуманитарна помош за мигрантите, за нивна заштита, а посебно на децата, адекватни услови за сместување и живот во прифатните центри за азил, вклучувајќи храна, здравствена грижа и образование, помош на локалните заедници каде што се сместени мигрантите за да се зајакне социјалната кохезија, помош на Република Србија при управување со границите и борбата против трговија со луѓе, како и помош за изградба на капацитети на институциите на Република Србија што се вклучени во управувањето со миграциите“, се наведува на веб-сајтот euinfo.

Досега ЕУ донирала повеќе од 98 милиони евра директна помош, која отишла во рацете на државните институции, локалните самоуправи, но и меѓународните организации од граѓанското општество, како и крајните корисници.

(Istinomer.rs)

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол доби забрана да ја напушти земјата

На јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол му е забрането да ја напушти земјата поради неуспешниот обид за воведување воена состојба, изјави денеска официјален претставник на Министерството за правда, поради зголемените повици...

Истрага против разбојник од Скопје, крадел чанти и накит од девојчиња

Основното јавно обвинителство Скопје започна истражна постапка против 26-годишник кој е осомничен дека сторил повеќе кривични дела разбојништво и тешки кражби. Негови жртви биле жени или девојчиња, кои ги напаѓал на...

По падот на Асад, се спасуваат сиријци затворени во подземни ќелии на затворот Седнаја

Падот на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад се прославува на улиците низ многу градови на Европа и светот. Сиријците и денеска спасуваат преживеани од озлогласениот сириски затвор Седнаја, каде се...

Трамп повика на итен прекин на огнот во Украина по средбата со Зеленски во Париз

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денес повика на итен прекин на огнот и преговори меѓу Украина и Русија за да се стави крај на „лудилото“ само неколку часа по средбата со...

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол доби забрана да ја напушти земјата

На јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол му е забрането да ја напушти земјата поради неуспешниот обид за воведување воена состојба, изјави денеска официјален претставник на Министерството за правда, поради...