fbpx

Анализа: Општините најмногу трошат за плати, мала наплата на данок на имот

Наплатата на данок на имот во првите шест месеци се одвивала со бавно темпо

-

Највисоки трошоци за плати, придонеси и надоместоци. Најголема приходна ставка се трансферите. Наплатата на данок на имот во првите шест месеци е со бавно темпо. Колку и по кој основ се полнеле и трошеле локалните буџети? Порталб.мк во две продолженија на анализата ќе објави детали за буџетските сметки во првата половина од годинава.

Милионски суми за договорни услуги, комуналии и привремени вработувања. На приходната страна општина Арачиново за шест месеци од данокот на имот наплатила 39.600 евра, што е 30,5 отсто од вкупните планирани приходи по оваа основа. Во анализираниот период преку трансфери на сметката на оваа општина се слеале 1.147.000 евра. На расходната страна најголем дел од општинскиот буџет во износ од 788.700 евра се потрошиле за плати, придонеси и надоместоци. За привремени вработувања за половина година биле исплатени 35.000 евра, пишува Порталб.мк.

Една од поголемите расходни ставки е „разни транфери”, преку која се одлеале 64.200 евра. Во првото полугодие оваа општина потрошила 42,4 отсто од планираниот буџет  собрала скоро 43,7 отсто од вкупните планирани приходи со вклучени донации, дотации и трансфери.

Општина Боговиње во првата половина од годинава по основ на данок на имот наплатила 168.300 евра, што претставува 44,4 отсто во однос на планот за годинава. Преку ставката трансфери на сметка на општината се слеале 2.130.000 евра. За плати, придонеси и надоместоци за половина година се потрошени 1.760.000 евра. Преку ставката „други градежни објекти” се исплатиле 376.000 евра, за договорни услуги 40.000 евра, а за привремени вработувања скоро 100.000 евра. За шест месеци реализацијата на приходната страна изнесува 40,7 отсто, а на расходната 40 отсто.

За шест месеци општина Гостивар собрала скоро 564.000 евра од данок на имот или 39,6 отсто во однос на планираното. Преку трансфери оваа општина добила 7.520.000 евра. На расходната страна најголем удел имаат ставките за плати, придонеси и надоместоци во износ од 7.000.000 евра. За договорни услуги биле исплатени скоро 393.400, а за привремени вработувања 183.900 евра. Една од повисоките расходни ставки е „други градежни објекти”, преку која се исплатиле 551.530 евра. На приходната страна реализацијата изнесува 43,9 отсто, а на расходната страна 43,6 отсто.

Општина Дебар во првото полугодие од годинава собрала 32,9 отсто од данокот на имот или износ од 66.855 евра, а преку ставката „трансфери” се слеале 2.227.500 евра. Преку расходната страна за плати, придонеси и надоместоци се одлеале речиси 2.107.000 евра. По основ на договорни услуги биле исплатени скоро 85.000 евра, а за привремени вработувања 23.000 евра. Една од поголемите расходни ставки е онаа за комунални услуги, па така за половина година по овој основ се потрошиле скоро 312.000 евра. За шест месеци општина Дебар реализирала 48,2 отсто на приходната страна, а на расходите 47,3 отсто.

Од данокот на имот општина Кичево за шест месеци наплатила скоро 250.000 евра, што претставува 32,6 отсто во однос на планираното. Преку ставката за трансфери на сметката на оваа општина за шест месеци се слеале 5.621.000 евра. На приходната страна од такси и надоместоци се наплатени 73.000 евра.

На расходната страна се потрошиле 4.843.000 евра за плати, надоместоци и придонеси, што заедно претставуваат најголема трошковна ставка во буџетот на оваа општина. Преку ставката „други градежни објекти” се исплатиле 819.500 евра, а за договорни услуги скоро 313.000 евра. За комунални услуги за половина година се потрошени 337.000 евра. Во првото полугодие на приходната страна реализацијата изнесува 43,5 отсто, а на расходната страна 39,1 отсто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...