Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер денеска оцени дека постои решение за политичката криза во Македонија, но оти е потребно тоа да се имплементира.

– Решението за политичката криза во Македонија е на маса. Потребна е политичка волја за тоа да биде спроведено, Собранието да биде оперативно, самото да се организира, да избере претседател, а потоа да се избере и влада која ќе може да дејствува. Тоа е редоследот, возниот ред, не само за доброто на политиката, туку и за доброто на сите, економијата, општеството, граѓаните – изјави Алтхаузер на денешната прес-конференција на Македонско-германското стопанско здружение, на која беа презентирани резултатите од работењето во изминатата година.

Сепак, таа вели дека задоцнето е решението на кризата во однос на економијата.

– Предвремените парламентарни избори се одржаа пред четири месеци. Сите анализи покажуваат дека кризата негативно се одразува врз стопанството, забележан е пад на порастот на БДП, зголемен е фискалниот притисок, сè поголеми се несигурноста и неизвесноста во приватниот сектор, се намалуваат инвестициите, а негативен е и порастот на одобрување на кредитите – посочи амбасадорката Алтхаузер.