Декларацијата на албанските партии во Македонија нема да биде целосно имплементирана во новата програма на Владата од повеќе причини, кои се многу реални и искрени, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава дадена за неколку медиуми на албански јазик.
Според Ахмети, најважно за Македонија е да стане членка на ЕУ и НАТО и да остане стабилна.
– Што се однесува за декларацијата на Албанците, таа е една програмска декларација кој е опфатена во програмите на албанските политички партии и мислам дека истата не преставува ризик или па отстапување на нештата што имаат поврзаност со перспективата и стабилноста на РМ. Таа изјава е за доброто на Македонија и регионот и има многу круцијални нешта како што е влезот на Македонија во НАТО и ЕУ, економски развој, развој на регионите во исто ниво така што нема ништо лошо во неа, зошто главните нешта на таа декларација се опфатени и во владината програма – изјави Ахмети.
Лидерот на ДУИ дополни дека сите аспекти од декларацијата ќе бидат отворени за дебата и нема да се држат во тајност бидејќи не претставуваат никаква закана за Македонија.
Во однос на ресорите во новата влада, Ахмети рече дека генерално е договорено ДУИ да ги има тие ресори што досега ги имала, со промена во министерствата за здравство и образовние, па така сега албанска политичка партија ќе го има министерството за здравство.
-Уште сме во консултации за да направиме што поприфатлив избор, не можам да правам разлики кој е подобар, бидејќи сите кадри имаат свои предности. Уште немам конкретни имиња во моментов кога ќе имаме конкретни имиња ќе бидеме транспарентни и верувам дека изборот што ќе го направи ДУИ а и партиите од коалицијата ќе биде најприфатлив избор за нивниот електорат, бидејќи овие ќе бидат министри кои ќе работат за сите граѓани на Македонија и ќе реализираат една програма во ниво на републиката и нема да бидат локални претставници – додаде Ахмети.
Потпретседателката на ДУИ и градоначалничка на Тетово рече дека нема амбиции да биде дел од новата влада.
-Јас би сакала да се кандидирам повторно како градоначалник на Тетово, но сепак и партијата треба да го изнесе ставот дали јас ќе се борам за нов мандат во локалната власт или пак ќе биде дел од централната власт – рече Арифи