Општините потпишаа декларација дека активно ќе работат на Зелената агенда

Министерката Шукова смета дека општините треба да ги извршуваат своите обврски во животната средина, да ги градат своите капацитети и да го подобрат инспекцискиот надзор, да се координираат и комуницираат, да отворат инфо центри и да ги едуцираат и информираат граѓаните, како и директно да ги преземат обврските од Зелената агенда на локално ниво

Фото: Мета.мк

Градоначалници на повеќе општини од целата земја денеска потпишаа Декларација за активна заштита на животната средина и ублажување на климатските промени, со која се обединуваат, заедно со Министерството за животна средина и граѓанскиот сектор, заеднички да работат на справување со локалните еколошки предизвици и да преземаат акции за прилагодување и ублажување на климатските промени.

Министерката за животна средина, Каја Шукова денеска потенцираше дека сите заедно треба да работат на спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан, како и дека со потпишувањето на декларацијата се истакнува дека општините се едни од чинителите во овој процес, заедно со централната власт и невладиниот сектор.

„Сите имаме свои одговорности и треба да допринесеме во спроведувањето на Зелената агенда. Ако се грижиме за животната средина не значи дека ќе го стопираме економскиот развој, бидејќи тие процеси ќе одат паралелно“, рече Шукова.

Таа смета дека општините се повеќе се заинтересирани и подготвени за акција за заштита на околината, како и дека треба да ги спроведуваат прописите и политиките кои ги креира централната власт, заради што треба да се зајакнат нивните капацитети и да се насочат како да обезбедат финансии за да ги исполнат нивните обврски. Општините, според Шукова, треба да ги извршуваат своите обврски во животната средина, да ги градат своите капацитети и да го подобрат инспекцискиот надзор, да се координираат и комуницираат, да отворат инфо центри и да ги едуцираат и информираат граѓаните, како и директно да ги преземат обврските од Зелената агенда на локално ниво.

Зелената агенда, во оваа насока, предвидува повеќе компоненти, декарбонизација, која значи инвестиции во почисти, обновливи извори на енергија и користење на сонцето и ветерот, потоа заштита на биодиверзитетот и циркуларна економија и намалување на количините отпад кои се создаваат во државата. Мерките и активностите кои ги предвидува треба, од една страна, да помогнат да се заштити животната средина, но и да обезбедат балансиран економски и социјален развој.

„Еко свест го води процесот за праведна енергетска транзиција и декарбонизација и партнерството со Министерството и Општините помага националните политики и стратегии да се спуштат на локално ниво, бидејќи општините се клучни за спроведување на праведната транзиција и декарбонизација“, вели Жарко Конески, програмски раководител во „Еко свест“.

Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници, истакна дека како организација која е посветена на заштитата на човековите права, сметаат дека со решавање на предизвиците во животната средина ќе придонесат и за поголема заштита, остварување и унапредување на човековите права, бидејќи тие се под влијание на состојбата во која е животната средина.

„Преку декларацијата сакаме да пратиме порака дека се обединуваме за заеднички вредности и принципи и веруваме дека тоа е само почеток за решавање на проблемите со животната средина кои се идентификуваат во извештаите на Европската унија“, рече Трпевски.