fbpx

Адеми: Регионалната соработка не може да ја замени интеграцијата во ЕУ

Целта на денешниот настан е да го доближи Берлинскиот процес до пратениците и стручната служба и да иницира меѓу-парламентарна и експертска дебата за улогата на парламентите на земјите на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес

-

Иако инклузивната регионална соработка е важна на нашиот пат кон членство во ЕУ и е во насока на градење на меѓусебни односи, базирани на толку посакуваните европски вредности, таа не може да го замени нашето зачленување во европското семејство, порача претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Арбер Адеми на регионалниот настан „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“.

На настанот што го организираа Институтот за демократија заедно со Собранието на Северна Македонија, учествуваа парламентарци и стручна служба од парламентите на Западен Балкан, Германскиот Бундестаг и Европскиот парламент.

Адеми исто така истакна дека регионалната соработка на Западен Балкан,е сржтта на Берлинскиот процес, и како таква претставува дел од политичките приоритети и критериуми утврдени во Рамката на политиката за проширување.

Целта на денешниот настан е да го доближи Берлинскиот процес до пратениците и стручната служба и да иницира меѓу-парламентарна и експертска дебата за улогата на парламентите на земјите на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.

Настанот го отворија претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Институт за демократија Марко Трошановски и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, а потоа свое клучно излагање даде и претседателот на комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг, Михаел Рот.

Трошановски нагласи дека Берлинскиот процес опфаќа соработка помеѓу балканските земји, ги приближува една кон друга, а истовремено приближувајќи ги кон ЕУ.

„Бесплатен роаминг во Балкан, признавање на дипломи или професионални квалификации или патување само со лична карта се придобивки поттикнати од Берлинскиот процес, кои се исто придобивки од членството во ЕУ. Процесот има многу политики покрај овие и располага со финансиски средства. Со овој проект сакаме да ги вклучиме и парламентите да дадат свој придонес за забрзување на овие заложби“, порача Трошановски.

Свесни сме дека географски, стратешки и со мнозинската волја на граѓаните, како регион сме предиспонирани да станеме членки на Европската унија, штом ги исполниме потребните услови за членство, порача претседателот на Собранието.

„Исто така, сме свесни дека на тој пат, сите ние поединечно и колективно сме исправени пред многу предизвици од различна природа. Искуствено, од претходните проширувања, мора да прифатиме дека мораме да се справиме и да најдеме прифатливи решенија за сите прашања кои се третираат како отворени и ни претставуваат пречка на тој пат“, рече Џафери.

Според Рот, војната на Русија во Украина ставила до знаење дека стабилизација на земјите кандидатки за членки е во интерес на сите. Тој додаде дека за да се постигне тоа, процесот на пристапување мора да се реформира за да граѓаните во земјите кандидатки имаат бенефити и пред самото пристапување.

„Ве уверувам дека понекогаш како парламентарци имате повеќе влијание отколку ако сте дел од владата. Сакам да потенцирам дека вашата иднина е исто така наша заедничка иднина. Пристапувањето на Северна Македонија ќе биде од симболично значење за цел регион бидејќи е мултиетнички пример за цел Западен Балкан. Голем дел од граѓаните од регионот ја гледаат нивната иднина во ЕУ без разлика на сите разочарување кои ги имаа од ЕУ, но не сум сигурен дека се трпеливи да чекаат уште 20 години. На граѓаните им треба итна опипливост на придобивките од влезот во ЕУ а за да се постигне ова потребна е реформа на пристапувачкиот процес“, нагласи тој.

На панел дискусијата посветена на улогата на парламентите во Берлинскиот процес дискутираа претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми, претседателката на комисијата за европски прашања во албанскиот парламент, Јорида Табаку, пратеникот Роберт Козма, член на Комисијата за европски прашања во српскиот парламент, пратеникот Шемсудин Мехмедовиќ, член на Комисијата за транспорт и комуникации во Собранието на Босна и Херцеговина, Арбреше Криезиу-Хусеини, претседателката на Комисија за надворешни работи во косовското Собрание и Зденка Поповиќ, член на Комисија за економија, финансии и буџет од црногорското собрание.

На последниот панел „Научени лекции од усвојување на договорите за мобилност“, клучно обраќање имаше Мануел Сарацин, Специјален претставник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, а панелисти беа Амер Капетановиќ од Совет за регионална соработка, Ванчо Узунов, Шерпа за Берлински процес од Македонија и Јетон Зулфај, Шерпа за Берлински процес од Косово и Лулзул Рафуна, Претседател на Управен одбор на Коморски инвестициски форум на Западен Балкан.

Настанот е дел од проектот „Парламентарна дипломатија: регионална соработка преку зајакнат парламентарен дијалог“ кој има за цел преку промоцијата на парламентарната дипломатија и искористување на механизмите за надзор од страна на парламентите на Западен Балкан, да ги промовира законите и придобивките од Берлински процес.

Проектот, поддржан од Германското министерство за надворешни работи, се спроведува од шест партнерски организации во земјите од Западен Балкан. Носител на проектот е Институтот за демократија (ИДСЦС) од Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...