fbpx

За помалку од две недели, Ердоган го чека тесна изборна трка за нов мандат

Турција месецов се соочува со клучни избори, на кои е неизвесно дали Ердоган ќе продолжи со досегашното практикување на власта или на чело на Турција ќе дојде секуларистички настроениот Кемал Киличдароглу

-

Во Турција на 14 мај ќе се одржат претседателски и парламентарни избори, а светските медиуми веќе пишуваат дека акцентот ќе биде ставен на изборот на новиот претседател, бидејќи Реџеп Таип Ердоган по подолго време се соочува со сериозен противкандидат – Кемал Киличдароглу. Турската опозиција се одлучи да застане позади Киличдароглу, додека предизборните анкети покажуваат неизвесна трка во изборот на идниот претседател.

Британскиот весник Гардијан пишува за предизборната кампања во Турција, во која вниманието го привлече болеста на Ердоган. Неговиот култ на неуништлив лидер одеднаш се промени со ликот на изнемоштен човек, за чиешто здравје дури и турските министри изминативе денови требаше да објаснуваат дека неговата болест што ја имал не е ништо посериозна од грип. Ердоган викендов се врати во предизборната кампања, но остана дилемата кај дел од јавноста за неговото здравје.

Дводецениското владеење на Ердоган е размрдано и со последните анкети за претседателските избори, на кои невообичаено, малку заостанува во дел од анкетите зад неговиот претседателски ривал, Кемал Киличдароглу, кој е лидер на опозициската Народно-републиканска партија. Киличдароглу е предводник и на шестпартискиот опозициски сојуз, кој е оформен со цел да се собере целото незадоволство против владеењето на Ердоган пред претседателските избори.

Викендов и курдскиот-левичарски сојуз на партии, вклучувајќи ја и прокурдската Демократска народна партија, излегоа со соопштение во кое ги повикаа своите приврзаници да гласаат за главниот противник на Ердоган – Кемал Киличдароглу, пренесува Политико.

„Во оваа пресвртна фаза од турската политика, се собравме да ја исполниме нашата историска должност, како дел од нашата традиција, така и како долг кон идните генерации пред „историските избори“ на 14 мај“, се вели во соопштението на курдско-левичарскиот сојуз.

На претходните избори, прокурдската Демократска народна партија освои околу 10 отсто од гласовите и заедно со гласовите на главната опозициска партија во Турција што ја предводи Киличдароглу, се чини дека може да доведе до неизвесен изборен исход на претседателските избори во Турција. На претходните локални избори, партијата на Ердоган изгуби на локалните избори во Истанбул и Анкара.

И покрај неизвесната трка, предизборните анкети што се објавуваат во Турција речиси без исклучок наведуваат дека мали се шансите Ердоган и Киличдароглу да освојат над 50 отсто од гласовите во првиот круг. Една од причините за ова е што има уште два претседателски кандидати во првиот круг, кои се очекува да освојат меѓу 5 и 10 отсто од гласовите, што би значело дека идниот претседател на Турција би се избрал во вториот круг.

Гардијан анализира дека едно од клучните изборни прашања во Турција ја вклучуваат економијата. За извонредно високата инфлација и кризата со трошоците за живот нашироко е обвинуван Ердоган и неговото лошо управување. Ваквите проблеми, кои ги засегаат сите, би можело да ја поткопаат руралната база од која традиционално зависи владејачката партија на Ердоган.

Дополнително, британскиот весник пишува и за согледаниот несоодветен одговор на владата на земјотресите кои ја погодија Турција во февруари годинава, а во кои загинаа повеќе од 50.000 луѓе. Гневот поради корумпираните градежни практики кои државата ги игнорираше периодов се смета дека може да поколеба многу гласачи во Турција.

Сепак, Гардијан додава дека претстојните избори се исто така поврзани и со наследството и историјата. Уставните промени што ги протурка Ердоган му дадоа сеопфатни извршни овластувања, што значи дека тој е првенствено и лично одговорен за проблемите на земјата.

Инсистирањето на Ердоган, кое произлегува од неговите исламски убедувања, дека главната улога на жената треба да биде воспитување деца и исполнувањето на домашни задачи се заканува да го отуѓи Ердоган од помладите гласачи, пишува Гардијан.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...