Започнаа „Деновите на електротехника“ во Скопје – натпревар по физика за ученици од целата земја

Вкупно 66 ученици ќе бидат дел од натпреварот, а финалето ќе се одржи во современа лабораторија по електротехника со професионална опрема

фото: Град Скопје

Во средното училиште „Михајло Пупин“ во Скопје од денеска се одржува манифестацијата „Денови на електротехника“ со која целта е да се промовираат електротехничката струка и средното стручно образование. Ова скопско училиште во следниве неколку денови ќе биде домаќин на натпревар меѓу ученици од 22 средни училишта од целата држава кои ќе ги измерат своите знаења по предметот физика.

Вкупно 66 ученици ќе бидат дел од натпреварот, а финалето ќе се одржи во современа лабораторија по електротехника со професионална опрема. „Деновите на електротехника“ ќе траат до сабота, 6 мај.

На денешното отворање на манифестацијата присуствуваше и скопската градоначалничка Данела Арсовска која ги охрабри учениците, наставниците и директорите да продолжат со добрата работа.

Од училиштето „Михајло Пупин“ информираа дека во сабота ќе имаат и Отворен ден за сите ученици од деветто одделение, со цел подобро да се запознаат со училиштето и да го продолжат школувањето таму.