Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 911 и има околу 500 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во болниците во градовите низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 536 пациенти: во Битола се хоспитализирани 35 лица позитивни и суспектни на ковид-19, во Штип се хоспитализирани 55 пациенти, на инфективното одделение во Тетово има 21 пациент, во Велес се лекуваат 27 болни, а во Куманово 80 пациенти. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 60 лица, во Прилеп има 66 пациенти, во ковид центарот во Гостивар 27, а во Струга 25 болни. Во болницата во Струмица се хоспитализирани 51 пациент, во Кочани 26, во Кичево 11, Кавадарци 27, во Гевгелија 12 лица, а во Дебар 12 позитивни и суспектни на корона вирусот.
„Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, соопштуваат од Министерството за здравство.