Комисијата за жалби при СЕММ, Советот за етика во медиумите во Македонија, на 24 декември 2020 година, донесе одлука во врска со добиените жалби на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис за текст објавен на интернет порталите „Лидер.мк“, „Курир.мк“ и „Нетпрес.мк“, кои прекршиле неколку членови од Кодексот на новинарите.

Во жалбата, меѓу другото, стои дека, објавениот текст содржи клевети, нефер и неточни информации, претставува злонамерно известување, дека во него има говор на омраза и не е застапена и другата страна, како и дека текстот повикува на линч, додека дел од лицата чии фотографии се објавени со имиња и презимиња, повеќе не се вработени во Фондацијата.

Според одлуката на СЕММ, „Лидер“, со текстот насловен „(Фото) Ова се луѓето кои бришат содржини од Facebook во Македонија!“, објавен на 12 ноември 2020 година, го прекршил Кодексот на новинарите во членовите 1 и 3.

„Жалителот како целосно невистинити ги отфрла написите во текстот на „Лидер“ дека вработени во Фондацијата бришеле содржини од социјалната мрежа Facebook. Таквите тврдења се дезинформации и можат да се окарактеризираат како клевети. Програмата за проверка на факти што ја користат во организацијата воопшто не содржи опција за отстранување или бришење на содржини од социјалната мрежа Facebook.  Објавувањето на колаж од фотографии на дел од вработените, како и испишувањето на имињата и презимињата на речиси сите вработени, го сметаат за исклучително злонамерно неновинарско однесување, кое претставува повик за јавен линч, а со објавата на невистинитите тврдења се нанесува голема штета врз угледот на „Метаморфозис“ и на сите вработени“, пренесува Комисијата на СЕММ.

Од СЕММ додаваат дека од „Метаморфозис“ е испратен демант до „Лидер“ за објавената спорна содржина што е предмет на жалбата, но дека демантот не бил објавен од нивна страна.

А, во врска со објавата на истиот тој текст на интернет порталот „Курир“, СЕММ одлучи дека е прекршен Кодексот во членот 1, и дека според жалителот, иако спорната содржина не била целосно објавена, бил посочен линк до оригиналната содржина, која води до друг портал, со што се врши исклучително злонамерно неновинарско однесување, кое има елементи на повик за јавен линч.

Комисијата соопшти дека стапила во контакт со „Курир“ и побарала да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Медиумот не одговорил на наводите на жалбата и Комисијата утврдила дека е прекршен Кодексот во членот 1, според кој: „Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

„Тоа што „Курир“ се повикал на друг медиум и преземениот текст го пренел во ограничена форма, воопшто не го иззема од одговорност. Ова уште повеќе што до оригиналната и целосна содржина посочил и линк, па оттука, информацијата била лесно достапна за секого“, е ставот на Комисијата. Во продолжение, Комисијата утврдила дека „Курир“ ја испочитувал обврската од Кодексот и целосно го објавил демантот испратен од „Метаморфозис“, со што е покажано чувство на морална одговорност и заштита на интегритетот“, посочуваат од СЕММ.

Исто така, и со пренесениот текст од „Лидер“ на интернет – порталот „Нетпрес“, е прекршен Кодексот во членот 1. Според СЕММ, и во „Нетпрес“ исто како и во „Курир“, бил посочен линк до оригиналната содржина, која води до друг портал.

„Комисијата стапи во контакт со „Нетпрес“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата, медиумот не одговори на наводите на жалбата, но потоа Комисијата утврди дека „Нетпрес“ ја испочитува обврската и целосно го објави демантот испратен од „Метаморфозис“, со што медиумот покажал чувство на морална одговорност и го заштитил својот интегритет и интегритетот на новинарот“, информираат од СЕММ.