Владата денеска ќе ја одржи својата 18. седница со почеток во 18 часот.
„На денешната седница Владата ќе разгледа и констатира состојби за напредок на земјата во процесот на европска интеграција, користење и имплементација на ЕУ-фондовите и статусот на реализација на приоритетите на Република Македонија за влез во НАТО, а ќе ја разгледа и информацијата за имплементацијата на Рамковниот договор“, се вели во соопштението на Владата.
На седницата ќе се разгледаат и ќе се донесат повеќе одлуки во однос на извештаи од работата на повеќе јавни државни претпријатија и агенции и неколку предлози за кадровски решенија.
На денешниот дневен ред пред министрите ќе се најде и предлог-законот за ратификација на спогодба за соработка помеѓу Владата и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.
„Ќе биде разгледан и извештајот за завршените преговори за потпишување протокол помеѓу македонската и косовската влада за начинот на изработка на урбанистичко-планска и соодветна техничка документација, поделба на режимски трошоци и заеднички трошоци за одржување на заедничкиот објект, како и вршење на граничната контрола на заедничкиот граничен премин помеѓу двете земји наменет за меѓународен сообраќај Белановце – Станчиќ“, се додава во соопштението од Влада.