Германската полиција сè уште не знае кој стои зад нападот со експлозив на автобусот на фудбалскиот клуб „Борусија Дортмунд“, во кој е повреден фудбалерот Марк Бартра, кој со лесни повреди е пренесен во болница.
Полицијата наведе дека станува збор за „сериозни експлозивни направи“, но не откри детали за каков експлозив станува збор и дали баш автобусот бил мета.
– Засега не е јасно што е заднината на ова дело. Мораме да ги разгледаме сите опции и поради тоа ги ангажиравме сите сили кои се подготвени за вонредни ситуации – изјави шефот на дортмундската полиција, Грегор Ланге.
Државната обвинителка Сандра Лике рече дека имаат одредени траги.
– Можам да кажам дека во близина на местото на експлозијата е пронајдено писмо, но во интерес на истрагата, која е во тек, не можам да ја открија неговата содржина. Во моментов ја утврдуваме автентичноста – рече Лике.
Генералниот директор на германскиот фудбалски клуб, Ханс Јоахим Вацке, изјави дека добил известување од полицијата дека експлозивот бил скриен во грмушка, кај излезот од хотелот и дека бил активиран кога автобусот минувал. Вацке рече дека сите се „целосно шокирани“ поради тоа што се случило.
Портпаролот на клубот, Саша Флиге, рече дека повредениот играч е згрижен.
– Марк Бартра е опериран поради фрактурите на десната рака и има повеќе парчиња кои му ја разориле раката. Што се однесува до тимот, се слушнав со капитенот и ми рече дека е во шок и дека мислат на Марк. Сите се надеваме дека бргу ќе закрепне – додаде Флиге.
Натпреварот од Лигата на шампиони во Монако денеска е одложен.