fbpx

„Стрежево“ треба да му плати милион евра на ЗК „Пелагонија“ за неиспорачана вода

-

Еден милион евра е сумата што јавното претпријатие „Стрежево“ – Битола треба да му ја исплати на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола, заради договорена, а неиспорачана вода за наводнување на земјоделските парцели на комбинатот во летото 2015 година, кога хидросистемот имаше хаварија на цевководот. Ваква пресуда донесе Основниот суд во Битола по тужбата на „Пелагонија“ против „Стрежево“ за надомест на штета.

За предметот одлучуваше судијата Злата Маџароска, а за оваа пресуда ќе треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Битола. ЈП „Стрежево“ поднело претставка до надлежниот судски совет со барање да се утврди пристрасност кај судијата Маџароска.

Во пресудата стои дека во 2015 година двете страни склучиле договор за наводнување на земјоделските површини на комбинатот, насадени претежно со хибридна пченка, но дека поради дефект на главниот доводен канал на системот на „Стрежево“, во одредени периоди имало прекини во наводнувањето или, пак, воопшто немало вода до засеаните ниви. Тоа предизвикало намалени приноси на парцелите на комбинатот.

Според вештачењето, штетата изнесува 61.378.963 денари или повеќе од еден милион евра. Комбинатот пред судот побарал отштета од сто милиони денари, односно околу 1,6 милиони евра.

Сослушаните сведоци кажале дека исклучувањето на целиот систем на ЈП „Стрежево“ се случило на 27 јули 2015 година заради активно свлечиште, по што водата во системот за наводнување била пуштена дури на 6 август.

Она што е интересно, а стои во пресудата, е што ЈП „Стрежево“ уште во март 2015 година, значи пред хаваријата, имало известување од страна на Владата за две свлечишта, долж каналската мрежа, настанати во февруари истата година.

Вработени во ЈП „Стрежево“ неофицијално пресметуваат дека ако Апелација ја потврди пресудата, тоа би се одразило значително врз ликвидноста на претпријатието. Штета од еден милион евра велат дека е рамна на седум плати на 250 вработените во „Стрежево“.
Директорот на ЈП „Стрежево“, Марјан Ѓероски, вели дека овој спор ќе потрае и веројатно ќе заврши на Врховен суд.

– Пресудата е неправедна и е крајно пристрасна. При нејзиното носење не се земени предвид фактите и затоа судиите и правниците што ги консултиравме ја квалификуваат и со поостри зборови и убедени сме дека нема да помине на повисокиот суд. Во меѓусебниот договор уредени се ситуациите за неиспорака на вода заради свлечишта и други непогоди, каде корисникот нема право на надомест. Против судијата од Основниот суд ќе поведовме постапка пред надлежните органи- стои во писмениот одговор од директорот Ѓероски.

Коментар за пресудата писмено побаравме и од ЗК „Пелагонија“, но добивме усно одговор дека не коментираат судски одлуки.

Адвокат во пензија од Битола, вели дека досега во неговата практика не се сеќава Основниот суд во Битола да изрекува отштети во толку голем износ, но и дека во принцип не е толку важна висината на износот, колку основата врз која е пресудено.

За потсетување, во летото 2015 година свлечиште во непосредна близина на битолското село Драгарино целосно урна дел од главниот цевковод кој со вода од акумулацијата „Стрежево“ ги снабдува ЈП „Водовод“, земјоделците, индустрискиот дел на градот и РЕК – Битола , како најголем корисник.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади ќе креираат стрипови за меѓуетнички дијалог и борба против дискриминација

Стрип центарот на Македонија од Велес започна со имплементација на проектот „Да и дадеме шанса на инклузијата“ од вториот отворен повик на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд во рамки на...