Шефот на косовската дипломатија, Енвер Хоџај, синоќа соопшти дека официјална Приштина веќе презела соодветни мерки кон Србија и дека тоа повторно ќе го стори во иднина, откако поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај беше уапсен во Франција по потерница издадена од Белград.
– Вчера презедовме реципрочни мерки против српскиот претседател Томислав Николиќ и тоа повторно ќе го направиме во иднина. Треба да има ревизија на нашите односи со Србија и ревизија на дијалогот – изјави Хоџај.
Тој истакна дека Србија го злоупотребува Интерпол и дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел и оти српските власти издале и други меѓународни потерници за апсење на косовски државјани, ограничувајќи го нивното патување во странство.
Косовските опозициски партии повикаа на прекин на преговорите меѓу Белград и Приштина со посредништво на ЕУ.
Апсењето на Харадинај, командант на ОВК од војната во 1998-1999 година на Косово и косовски премиер во 2004-2005 година, во средата на аеродромот во Базел, ги зголемува тензиите меѓу двете балкански соседни држави.