„Куршумите живот значат, даско една“ со оваа порака испишана на булеварот Св. Климент Охридски пред зградата на Театар Комедија, демонстрантите ја поздравија директорката на оваа институција Јелена Жугиќ. Поводот е нејзиниот статус на „Фејсбук“, со кој таа ја повика полицијата, дека е крајно време да употреби гумени куршуми против демонстрантите.
Бојадисана улицата каде што пишуваше Куршумите живот значат, даско една. Поздрав од демонстрантите до Жугиќ pic.twitter.com/BSEkIIj05L
— META.mk (@meta_agency) May 19, 2016
Потоа, беше обоена и зградата на Театар Комедија, а беа фрлени и неколку јајца.
Актерот Марин Бабиќ пред Собранието порача дека, поради „дотичната дама“, не по своја волја бил принуден да го напушти Драмски театар. И предложи на „Шарена револуција“, да купат 100 карти за во Театар Комедија и да напуштат среде претстава.
Боја и јајца за зградата на Театар Комедија #протестирам #ШаренаРеволуција pic.twitter.com/6u5UZNCjQy
— META.mk (@meta_agency) May 19, 2016
– Уметноста во која залутала, треба да го облагородува и оплеменува човекот, а не да го уништува. Таа нема појма што значат гумени куршуми. Би и порачал едно „ѓевојко Црногорко, гледај си дијете, јер где ќе ти душа јадна“ – и порача Бабиќ на Жугиќ.
Тој и предложи на „Шарена револуција“ меѓу нивните осум барања да го вметнат и барањето за промена на избирачкиот модел, односно да има една изборна единица, да има отворени гласачки листи и вистински луѓе да дојдат на вистинско место.
На претседателот Ѓорге Иванов му порача наместо 56 да аболицира 57 лица, односно и себе самиот, бидејќи го сторил најголемото зло.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски рече дека многу скоро ќе се формира техничка влада која ќе спроведе фер и демократски избори.
Тој порача дека луѓето кои изнеле милијарди од државата мора да одговараат.
Освен зградата на Театар Комедија, демонстрантите вечерва ги обоија и зградата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Собранието каде што заврши вечерашниот протест.