Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) надлежна за европскиот регион, регистрирала повеќе од 142.000 лица кај кои е дијагностициран ХИВ во 2014 година, што претставува најголем број нови заразени лица за една година досега, од почетокот на нивното евидентирање во 80-тите години. Според најновите податоци на Европскиот центар за превенција и за контрола на болести (ЕЦПКБ) и регионалната канцаларија на СЗО за Европа, епидемијата на ХИВ има најголем размер во источниот дел на регионот, каде бројот на нови дијагностицирани инфекции е зголемен повеќе од двапати, само во последната декада.
Главна причина за пораст на бројките во Источна Европа е пренесувањето по хетеросексуален пат, но голем удел има и инфицирањето преку дроги кои се инјектираат. Во земјите од ЕУ и од Европската економска област (ЕЕО), пак, примарен начин за пренесување е сексуалниот однос меѓу мажи. Двајца од тројца нови инфицирани со ХИВ се родум од Европа, додека странците, меѓу кои и мигрантите, претставуваат само една третина од нив.
– Оваа година, и покрај сите напори во борбата против ХИВ, во европскиот регион се регистрирани повеќе од 142.000 нови инфекции, што е најголем број на нови заболени воопшто некогаш. Ова претставува сериозен проблем – вели д-р Сузана Јакаб, директор на регионалната канцеларија на СЗО за Европа.