!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Наша цел е да ја вратиме демократијата и да ја забрзаме интеграцијата во НАТО и во ЕУ


       
Њујорј, 23 септември, 2017 - 10:31 (META) 

Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност на основните демократски вредности, добро владеење, владеење на правото и почитување на човековите права, рече премиерот Зоран Заев на обраќањето на 72. Генерално собрание на Обединетите нациии во Њујорк.

Заев оцени дека освен прилагодувањата на глобално ниво, потребно е секоја земја да се посвети на решавање и на домашните прашања.

„Ние надминавме длабока политичка и институционална криза преку нашиот решителен став во одбрана на овие основи. Нашето разбирање е дека демократијата треба да биде управувана со граѓански ангажман. Нашата цел е да ја вратиме демократијата, да изградиме професионални и независни институции и да го подобриме животниот стандард за секој граѓанин. Нашата цел е да ја забрзаме интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО“, рече Заев.

Тој додаде дека Македонија активно придонесува за регионалната стабилност и соработка.

„Привремената спогодба од 1995 година ги постави темелите за нормализирање на односите помеѓу Македонија и Грција. Во моментов двете земји спроведуваат мерки за градење доверба. Ова е многу позитивен развој. Имаме нов поттик за надминување на долготрајниот билатерален спор“, рече Заев.

Премиерот додаде дека главна цел е да се затвори проблемот.

„Јас цврсто верувам дека мораме да го искористиме моментот, да разговараме во вистинска смисла и да го решиме проблемот за наша заедничка иднина. Високо ги цениме континуираните напори на личниот претставник на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц. Цврсто верувам дека постои начин да се надмине проблемот што Грција го има со нашето уставно име. За промена, да се обидеме да му пријдеме од позитивна гледна точка“, додаде премиерот Заев.

На крајот од обраќањето, Заев рече дека Македонија ќе продолжи да работи со сите земји-членки на ОН за заедничко зајакнување на светскиот мир и безбедност и за унапредување на човековите права.