!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев и Брнабиќ договориле заедничка владина седница во февруари или март


       
Белград, 21 ноември, 2017 - 11:53 (META) 

Премиерот Зоран Заев и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на денешната средба во Белград се договориле владите на Македонија и на Србија на крајот на февруари или на почетокот на март да одржат заеднички седницa.

На пленарната средба, делегациите на двете земји разговарале за интензивирање на некои од заедничките проекти и за соработката на проектите за завршување на Коридорот 10, изградба на пруга Будимпешта – Белград – Скопје, како и за гасна конекција Врање – Куманово.

Заев, како што информира владината прес-служба, истакнал дека може да се продлабочи економската соработка во делот на инвестициите, како и да се засили поддршката на бизнис-иницијативите во информатичките технологии, иноватовните компании, технолошките паркови и во иновативните технологии.

Според него, соработката во дигитализацијата има потенцијал да ги олесни царинските формалности, роаминг-комуникацијата и во голема мера да ги олесни врските меѓу двете економии, бизниси и други проекти.

Двајцата лидери разговарале за соработката помеѓу двете министерства за внатрешни работи, за заедничка контрола на границите и справување со мигрантските процеси, како и за унапредувањето на заедниците на Србите и на Македонците во Република Македонија и во Република Србија.

Српската премиерка по средбата истакна дека посетата на Заев е важна за целиот регион.

– Регионалната соработка и регионалното поврзување е многу важно, затоа што без регионален мир и стабилност нема европска интеграција на Западен Балкан – изјави Брнабиќ која додаде дека на заедничката владина седница ќе бидат потпишани неколку важни договори.

Според Брнабиќ, посетата на македонскиот премиер е добар сигнал, кој говори за тоа дека сите меѓусебно отворени прашања треба да се решаваат со дијалог.