Вучиќ нема да се состане со Тачи во Брисел


       
Брисел, 7 септември, 2018 - 13:17 (META) 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Брисел нема да се состане со својот косовски колега Хашим Тачи, односно дијалогот со посредување на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина засега е застанат.

Одлуката на новинарите во Брисел, по средбата на Вучиќ со еврокомесарката Федерика Могерини, им ја пренесе Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларијата за Косово при српската влада.

– Поради сите лаги и измами од косовска страна, нема ни најмали услови да продолжи дијалогот и големо прашање е како ќе се разговара во иднина – рече Ѓуриќ.

Одлуката дали сепак Вучиќ утре и задутре ќе ги посети српските заедници на Косово се очекува за вечерва. Утрово беше соопштено дека тој наложил прекин на секаква комуникација со полицијата на Косово и КФОР, во врска со организацијата на таа посета.

Проблемот се случи откако Кадри Весељи, претседателот на косовскиот парламент, вчера рече дека нема причини Вучиќ да оди на Газиводе и дека може да се случи да му биде забрането влегувањето во Косово.

Езерото и хидроцентралата Газиводе според официјален Белград имаат стратегиско значење за опстанокот на Србите на северот на Косово, додека официјална Приштина одбива секаков разговор на таа тема.