Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека нема да одговори на повикот да учествува на Парадата на гордоста во Белград, најавена за 17 септември. Тој повтори дека негова обврска е на сите на тој собир да им ги гарантира правата и слободите.
– Немам намера да одам. Не сум некој кој е воодушевен од таквата манифестација. Без разлика на тоа, моја обврска е, а тоа успеав да го остварам, да им се гарантира правото да го прават тоа што е дел од нивните слободи и нивните права и со тоа сум задоволен – изјави Вучиќ во Солун.
Сепак, тој нагласи дека нема намера да учествува на парадата.
– Не ми паѓа на памет. И тоа е мое право да одбијам, да шетам каде сакам и кога сакам. Благодарам на поканата, но не сакам – рече Вучиќ, коментирајќи го повикот на организаторите да биде на чело на колоната.
Тој истакна дека работата на државата е да обезбеди сите да прошетаат каде сакаат и како сакаат и на сите да им се гарантира слободи и права.
Исто така, додаде дека секој друг од претставниците на власта, од претседателството или од Владата на Србија, е слободен да оди каде сака, но дека тој лично нема да оди на Парадата на гордоста.
– Не сакам да одам и не сакам да се вадам дека имам попаметна работа или што било друго. Секако дека ќе правам нешто, што од мој аспект, сметам дека ќе биде покорисно за Србија – рече Вучиќ.