Тодоров: Со Хан зборував за потребата од демократизација во ВМРО-ДПМНЕ


       
Хелсинки, 8 ноември, 2018 - 11:23 (META) 

Поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, кој беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ, се сретна со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан на маргините на самитот на Европската народна партија кој се случува во Хелсинки.

Тодоров на неговиот профил на „Фејсбук“ објави фотографии од средбата со Хан и напиша дека двајцата разговарале за евро-перспективите на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, како и за заканите кон оние кои мислат поинаку од актуелното партиско раководство.

„Од двете страни беше изразена силна поддршка за евро-интегративните процеси на Македонија и потребата од имплементација на реформите неопходни за интеграција на Македонија во ЕУ. Беше истакната и неопходноста од демократизација преку измена на статутот на партијата со цел ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да дејствува како европска, модерна центар-десна партија“, напиша Тодоров.

Тој додаде дека од страна на Хан било потенцирано дека заканите и притисоците мора да запрат и била изразена јасна поддршка за одлучните и храбри чекори кои се во правец на интеграцијата на Македонија во Европската Унија.

На Конгресот на ЕПП покрај претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателот Александар Николоски, секретарот за меѓународна политика Влатко Ѓорчев и советникот за меѓународна политика Тимчо Муцунски, за првпат беше поканета и втора партиска делегација, односно членовите кои ВМРО-ДПМНЕ ги исклучи од партиските функции. Поканети биле разрешниот заменик-генерален секретар Петар Богојески и разрешениот член на Извршниот Комитет, Костадин Богданов, разрешениот потпретседател на партијата Митко Јанчев и исклучените Никола Тодоров и пратеничката Емилија Александрова.

Јанчев и Богданов ја одбија поканата, додека за Хелсинки заминаа Богојески, Тодоров и Александрова.