Тевдовски: Лани имаме рекордна искористеност на ИПА-средствата


       
Куманово, 30 мај, 2018 - 15:09 (META) 

Минатата година имаме рекордна сума искористени ИПА-средства, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, кој се обрати на ставањето во употреба на надградениот и осовремен граничен премин Табановце, како дел од кампањата „ЕУ за тебе“.

Тој рече дека искористеноста на европските фондови кои ни се на располагање, е неколкукратно повеќе, во споредба со претходните години.

– Во 2017, за проекти од ИПА-фодовите се искористени 83,2 милиони евра. Тоа е два и пол пати повеќе од 2016 година, кога се исплатени 32 милиони евра. Повеќе е и во споредба со 2015 година, кога се исплатени 51 милион и 2014 со 31 милион искористени ИПА-средства – истакна Тевдовски.

Во август лани, Владата направила план за подобрување на користењето на ИПА. Тој, како што рече Тевдовски, предвидува поголема политичка посветеност, одредување на приоритетни проекти, подобра екипираност и следење на правилата и препораките на ЕУ.

Осврнувајќи се на денешниот настан, Тевдовски истакна дека со проекти како модернизацијата и проширувањето на еден од најфрекфентните гранични премини, се подобруваат услугите на Царинската управа кон граѓаните и фирмите.

-Со неговата модернизација и надградба, очекуваме значително да се забрза протокот на возила и да се намали времето на задржување на граничниот премин. Ова значи дека граѓаните и превозниците помалку ќе чекаат при премин, а услугата која ќе ја добиваат ќе биде подобра – рече Тевдовски.

Тој додаде дека кон подобрување на услугата дополнително придонесува Транзитниот компјутеризиран систем кој овозможува движењето на стоките кон и од ЕУ и ЕФТА државите да се одвива со еден документ во електронска форма.

Модернизираниот и проширен граничен премин Табановце е проект поддржан од ИПА-средства и предвидува изградба на две нови ленти за товарни возила, надградба и модернизација на објектите. Ова ќе придонесе кон подобрување на капацитетот на граничниот премин кој сервисира 25 отсто од вкупниот број на премини на товарни возила во земјава.

На настанот обраќања имаа и премиерот Зоран Заев, евроамбасадорот, Самуел Жбогар и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски.