fbpx

„Дигитална трансформација за граѓаните“: Потребно е да се гради култура за дигитален напредок

Како што истакна вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, дигиталната трансформација не е прашање на избор, туку на опстанок и на развој во нови услови

-

Дигиталната трансформација на општеството е многу важна тема. Мора да се работи на отпорот кон промена, институците треба да ги имплементират секојдневно дигиталните процеси. Сите во општеството треба да ги имаат потребните вештини за да ги користат услугите кои институциите (ќе) ги нудат. Ова се главните заклучоци на говорниците на отворањето на меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“, што денеска и утре се одржува во хотелот „Мериот“ во Скопје.

Настанот го отворија Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење, Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација, како и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис.

Грковска ѝ честиташе на Фондацијата „Метаморфозис“ бидејќи, како што рече, успева да го одржи вниманието за важноста на ова прашње и ја нагласува важноста на темите за дигитализацијата.

Вицепремиерката за добро владеење, Слвица Грковска и извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари | Фото: Мета.мк

„Дигиталната трансформација е општествен процес, не е политички. Важно е сите учесници кои имат сериозна улога во комплетната трансформација на нашето општество во дигитално општество, да бидат свесни за обврските што ги имаат. Ако сакаме да сме поефикасни, мора да го фатиме чекорот со поразвиените земји“, рече Грковска.

Таа кажа дека Македонија беше лидер во регионот за дигитализација на процесите, но за жал, извесен период, како што рече, бевме претркани од другите земји, посебно кога станува збор за основната алатка – електронската лична карта и Законот за архивирање.

Фото: Мета.мк

„На овие нешта мојот кабинет е посебно фокусиран изминатава година. Во напредна фаза сме. Веќе го изработивме планот кој помина на Влада и концептот кој го разработуваме во детали со Министерството за внатрешни работи, со поддршка на Американската амбасада и естонските експерти“, информира вицепремиерката.

Како што истакна, дигиталната трансформација не е прашање на избор, туку на опстанок и на развој во нови услови.

„Трансформацијата ќе донесе радикални подобрувања. Употребата на дигиталните технологии води кон подобар квалитет на животот и намалување на корупцијата. Процесот ќе овозможи да се промени мајндсетот на начинот на кој работиме, ќе нè  направи свесни дека институциите постојат за граѓаните и тоа е процес кој неминовно ќе се случи“, заклучи Грковска.

Оптимизација на процесите во институциите 

Министерот за информатичко општество, Азир Алиу, во своето обраќање пред присутните истакна дека дигитализацијата е сегашноста и иднината, мислејќи на реформите и напредокот на Северна Македонија во оваа насока.

„Колку побрзо државите ги дигитализираат своите јавни услуги, толку подобро и полесно граѓаните го добиваат истото. На овој начин се намалува и корупцијата“, рече министерот.

Мила Јосифовска Даниловска од Фондацијата Метаморфозис и Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација | Фото: Мета.мк

Алиу потсети дека има неколку стратегии, а една од нив е Националната стратегија за компјутерски развој, која за три недели ќе биде подготвена за имплементација.

„Имаме и стратегија за сајбер безбедност, која треба да ги штити граѓаните. Има форми за информирање на граѓаните, кои ќе знаат како да се справат со дигиталните процедури. Ако како корисник не знам како да се заштитам од сајбер напади, тогаш се е безвредно. Потребно е институциите да бидат поотворени за соработка, да има интероперабилност. Менталитетот е тој кој треба да го менуваме“, рече Алиу.

Граѓанинот на прво место во дигиталната трансформација 

Извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари, во своето излагање посочи дека Фондацијата Метаморфозис секогаш ги става граѓаните на прво место во која било активност кој е наменета за воведување дигитална трансформација на процесите.

Извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари | Фото: Мета.мк

„Се соочуваме со предизвиците со кои се соочувавме и пред неколку години. Како општество, не можевме да се справиме со таа брзина на развој. Имаме и нешта кои сме ги наследиле од пред 10-20 години. Сето тоа бара попосветена работа, бара соработка меѓу Владата, бизнисите и граѓанскиот сектор. Тоа е единствениот начин да се справиме со предизвиците“, рече директорот Јашари.

Со овој проект, појасни тој, нотирано е дека главниот предизвик е сајбер безбедноста не само како технологија, туку и како стандари и протоколи.

„Другиот предизвик е дигиталниот јаз во однос на вештини. Сите во општеството треба да ги имаат потребните вештини за да ги користат услугите кои Владата им ги нуди. Уште еден предизвик е отпорот кон промена. Овде мислам на отпор во повеќе нивоа. Најпрво овде е стравот од промена кој некогаш е базиран на страв дека вештачката интелигенција ќе ни ги земе работните места, но и отпорот на институциите да интегрираат нови техниологии“, додаде Јашари.

Без инклузивен пристап не можеме да се надеваме дека дигиталната трансформација ќе ги донесе корисните работи, потенцира тој.

„Не може само да ја имплементираме технологијата. Ова бара многу темелно планирање, прифаќање на промена и соработка, градење капацитети. Ние како фондација, секогаш ги имаме предвид човековите права и човековото достоинство. Имајќи ја свесноста за приватноста, обучувањето на граѓаните е активност со која може заедно да направиме да ги намалиме предизвиците и да ги заштитиме нашите лични податоци. Ова е комплексен процес, посебно отпорот кон промена, но ако соработуваме со партнерите во регионот, ако зборуваме за ова, се надеваме дека ова е единствениот начин да се приклучиме на остатокот од Европа кои веќе ги користат позитивните работи од дигиталната трансформација“, заклучи Јашари.

Естонските граѓански организации нудат јавни услуги 

Кристина Манд, виша експертка за е-демократија од Академијата за владеење во Естонија, во видео обраќање зборуваше за улогата на граѓанските организации во формирањето на политиката и елктронските услуги.

„Работата со граѓанските организации значи дека одлуките што се носат, ќе бидат социјално поинклузивни. Во Естонија сега сакаме да го легализираме бракот за сите луѓе, без оглед на нивната сексуална ориентација. Ако граѓаните повеќе се вклучат во носењето одлуки, тие ќе носат одлуки во корист на нивните потреби. Во Естонија, граѓанските организации можат да понудат јавни услуги. На пример, кога поднесува даночна пријава, поединецот може да го донира повратот на некоја невладина организација која собира пари за добротворни цели. Тоа е корисно, ако имате поврат на данок, може да го донирате веднаш. Имаме е-услуги поврзани со здравството, односно електронско закажување преглед на лекар, издавање електронски рецепт“, истакна Манд.

Конференцијата e организирана во хибриден формат. Дел од учесниците физички присуствуваат на настанот, а останатите ги следат сесиите онлајн, преку платформата Зум и Фејсбук лајв. Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија. Целта е да се зголеми ангажирањето на граѓаните во креирањето на дигиталната агенда.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...