!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ИСОС има обврска континуирано да постапува по поднесени барања од сметководители


Скопје, 15 септември, 2017 - 10:43 (META) 

Министерството за финансии реагира на известувањето на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) со кое се утврдува рок до 30 септември, за трговците-поединци и за трговските друштва да поднесат барање со придружна документација за добивање лиценца за работа и за барање упис во регистрите на Институтот.

„Во Законот за вршење сметководствени работи и статутот на Институтот не е утврден рок, ниту е дадена основа за утврдување рок во кој трговците – поединци и трговските друштва треба да ги поднесат барањата до Институтот. Оттука, известуваме дека Институтот има законска обврска во континуитет да прима и да постапува по поднесените барања“, се вели во реакцијата на Министерството за финансии.

Оттаму известуваат дека министерството ќе предложи измени на Законот за вршење сметководствени работи, со кои ќе се утврди нов рок за поднесување барања за упис во регистрите за сметководители и овластени сметководители, за оние лица кои поради одредени причини го пропуштиле рокот за упис во регистрите.

„Во моментов Министерството за финансии, во согласност со законските овластувања утврдени во Законот за вршење сметководствени работи, врши надзор над работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители“, се додава во соопштението.


Учебната година на 4 септември ќе ја почнат 20.437 првачиња


Скопје, 1 септември, 2017 - 10:25 (META) 

Оваа учебна година, според податоците на Министерството за образование и наука, образовниот пеоцес ќе го почнат 20.437 првачиња. Според одлуката на МОН, тие во училишните клупи ќе седнат в понеделник, на 4 септември, наместо денеска, на 1 септември, како што традиционално почнува секоја школска година.

Во Скопје, во вкупно 10 општини, досега се пријавени 6.159 првачиња.

Во средните училишта запишани се вкупно 17.131 ученик. Во двата уписни рока во скопските средни училишта запишани се 6.496 ученици, а во другите општини бројот на запишани изнесува 10.635 ученици.

Поголем интерес имало за стручното образование, каде се запишани 9.983 ученици, а за гимназиско образование се одлучиле 6.703 средношколци.

Во гимназиското образование во другите општини запишани се 3.935 ученици, а во стручните училишта во другите општини – 6.576 ученици.

Во скопските гимназии се запишани 2.768 ученици, а во стручните училишта – 3.407 ученици.

Во уметничко образование се запишани вкупно 224 ученици, од кои во Скопје 148, додека во спортска гимназија се запишани 221 ученик, од кои во Скопје 173.


Новата учебна година ќе почне на 4 септември


Скопје, 30 август, 2017 - 12:18 (META) 

Новата учебна 2017/2018 година за јавните основни и средни училишта ќе почне в понеделник, 4 септември, информираше Министерството за образование и наука.

Календарите за организација на учебната 2017/2018 година во јавните основни и средни училишта ќе бидат објавени во „Службен весник на Република Македонија“, известуваат од МОН.


На првиот упис во средните училишта запишани 11.205 ученици


Скопје, 30 јуни, 2017 - 16:59 (META) 

Во првото пријавување од јунскиот рок за упис во средно образование за учебната 2017/2018 година, кое беше спроведено во изминатите два дена, односно 28 и 29 јуни, се пријавиле 17.179, а се запишале 11.205  ученици, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Од учениците кои се запишале, 8.590 се за настава на македонски наставен јазик; 2.440 ученици за настава на албански наставен јазик; 99 ученици за настава на турски наставен јазик и 76 се повторувачи.

Второто пријавување во јунскиот уписен рок ќе биде на 5 јули, а резултатите ќе бидат објавени следниот ден, 6 јули. МОН информира дека за второто пријавување слободни места има во јавните средни училишта во сите општини во Република Македонија за вкупно 24.529 ученици.

Слободни места за настава на македонски наставен јазик има  16.118, за  настава на албански наставен јазик 7.455, за настава на турски наставен јазик има 819, за српски наставен јазик слободни се 34  места и 103 слободни места за повторувачи.

Во учебната 2016/2017 година деветто одделение завршиле 20.712 ученици. Согласно измените на Законот за средно образование, средното образование од учебната 2008/2009 година е задолжително за сите ученици.


Почнува првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“


Скопје, 18 август, 2016 - 9:23 (META) 

Денеска и утре на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнува првиот уписен рок во академската 2016/2017 година.

Вкупно слободни има 10.535, од кои 6.606 за редовни студенти во државна квота, 2.819 во квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 1.110 за вонредни студенти.

Како и во изминатите години, надоместот за редовните студенти е 200 евра, односно 100 евра за дисперзирани студиски програми, а износот за студиите со кофинансирање се движи од 100 до 400 евра.

Вториот уписен рок на УКИМ е 5 септември, а на факултетите на кои ќе останат слободни места ќе има и трет рок на 15 септември, кога и почнува новата студиска година.


Денеска почнуваат уписите на државните универзитети


Скопје, 15 август, 2016 - 9:59 (META) 

Пријавувањето за упис во прва година додипломски студии за 2016/2017 година на три државни универзитети (Битола, Штип и Охрид) почнува денеска, во Тетово утре и во Скопје во четврток.

Вкупно се слободни 24.356 места, од кои 13.536 за редовни студенти во државна квота, 7.327 места за студентите со кофинансирање и 3.493 слободни места за вонредни студенти.

Најмногу слободни места (10.535) има на најстариот и најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од нив, 6.606 се за редовни студенти во државна квота, 2.819 за квота редовни студенти со кофинансирање и 1.110 за вонредни студенти.

Како и во изминатите години, надоместот за редовните студенти е 200 евра односно 100 евра за дисперзирани студиски програми, а износот за студиите со кофинансирање се движи од 100 до 400 евра.

Пријавувањето на кандидатите во првиот уписен рок на УКИМ е на 18 и 19 август.

Вториот уписен рок е на 5 септември, а на факултетите на кои ќе останат слободни места ќе има и трет рок на 15 септември, кога и почнува новата академска година.

На универзитетите во Битола и Штип пријавувањето во првиот рок е на 15, 16 и 17 август, а во Охрид на 15 и 16 август.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има 3.543 слободни места, од кои 2.040 за редовни студенти во државна квота, 790 за квота редовни студенти со кофинансирање и 713 за вонредни студенти. Вториот рок за пријавување на УКЛО е на 1 и 2 септември, а третиот на 14 септември.

На Државниот универзитет во Тетово има 4.600 слободни места, од кои 1.335 за редовни студенти во државна квота, 2.600 за квота редовни студенти со кофинансирање и 665 за вонредни студенти. Првиот уписен рок е од 16-ти до 19 август, а вториот е од 30 август до 2 септември.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има 5.238 слободни места, од кои 3.335 за редовни студенти во државна квота, 1.008 за квота редовни студенти со кофинасирање и 895 за вонредни студенти.

По трите дена за запишување во првиот рок (15-17 август), вториот рок на Штипскиот универзитет е на 25 и 26 август, а третиот на 5 и 6 септември.

На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид слободни се 440 места, од кои 220 за редовните студенти во државна квота, 110 за квота редовни студенти со кофинасирање и 110 за вонредни студенти. Вториот уписен рок е на први, а третиот на 14 септември.

Министерството за образование и наука информираше дека при креирањето на конкурсите за јавните високообразовни институции предвид се земени податоците од анализите за понудата и побарувачката на пазарот на трудот, како и проекциите за идните побарувани занимања.


На државните универзитети има место за 24.356 студенти


Скопје, 12 август, 2016 - 10:37 (META) 

На државните универзитети идната недела ќе се спроведува пријавување за прва година додипломски студии за 2016/2017 година. Вкупно се слободни 24.356 места, од кои 13.536 за редовни студенти во државна квота, 7.327 места за студентите со кофинансирање и 3.493 слободни места за вонредни студенти.

Најмногу слободни места (10.535) има на најстариот и најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од нив, 6.606 се за редовни студенти во државна квота, 2.819 за квота редовни студенти со кофинансирање и 1.110 за вонредни студенти.

Како и во изминатите години, надоместот за редовните студенти е 200 евра односно 100 евра за дисперзирани студиски програми, а износот за студиите со кофинансирање се движи од 100 до 400 евра.

Пријавувањето на кандидатите во првиот уписен рок на УКИМ е на 18 и 19 август. Вториот уписен рок е на 5 септември, а на факултетите на кои ќе останат слободни места ќе има и трет рок на 15 септември, кога и почнува новата академска година.

На универзитетите во Битола и Штип пријавувањето во првиот рок е на 15 , 16  и 17 , а во Охрид на 15 и 16 август.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има 3.543 слободни места, од кои 2.040 за редовни студенти во државна квота, 790 за квота редовни студенти со кофинансирање и 713 за вонредни студенти. Вториот рок за пријавување на УКЛО е на 1 и 2 септември, а третиот на 14 септември.

На Државниот универзитет во Тетово има 4.600 слободни места, од кои 1.335 за редовни студенти во државна квота, 2.600 за квота редовни студенти со кофинансирање и 665 за вонредни студенти. Првиот уписен рок е од 16 до 19 август, а вториот е од 30 август до 2 септември.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има 5.238 слободни места, од кои 3.335 за редовни студенти во државна квота, 1.008 за квота редовни студенти со кофинасирање и 895 за вонредни студенти.

По трите дена за запишување во првиот рок (15-17 август), вториот рок на Штипскиот универзитет е на 25 и 26 август, а третиот на 5 и 6 септември.

На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид слободни се 440 места, од кои 220 за редовните студенти во државна квота, 110 за квота редовни студенти со кофинасирање и 110 за вонредни студенти. Вториот уписен рок е на први, а третиот на 14 септември.

Министерството за образование и наука информираше дека при креирањето на конкурсите за јавните високообразовни институции предвид се земени податоците од анализите за понудата и побарувачката на пазарот на трудот, како и проекциите за идните побарувани занимања.


И адвокатите како регистрациони агенти ќе регистрираат фирми електронски


Скопје, 6 октомври, 2015 - 13:17 (META) 

Сите уписи во трговскиот регистар на Централниот регистар ќе се вршат електронски и тоа преку регистрациони агенти. Со последните законски измени, категоријата регистрационен агент е проширена со адвокатите.

Ова го предвидуваат измените во Законот за трговски друштва и за едношалтерски систем и за водењето на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, од 1 ноември.

Според директорот на Централниот регистар, Андреа Поповски, сите уписи во Централниот регистар ќе бидат подобрени.

– Пријавите и сите поднесоци до Централниот регистар за упис во трговскиот регистар ќе се поднесуваат од овластени подносители, кои квалитетно и успешно ќе може да ги поднесуваат и нема да има проблеми околу уписите за да се враќаат документите назад – вели Поповски.


Голем интерес кај средношколците за ФЕИТ


Скопје, 11 август, 2015 - 14:05 (META) 

Постои голем интерес за запишување нови студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), во првиот уписен рок во академската 2015/2016 година. Оваа година, за ФЕИТ се предвидени 600 слободни места за упис на нови студенти, од кои 460 редовни студенти во државна квота и 140 редовни студенти со кофинансирање.

– Имаме договори за соработка со стотина компании во Македонија, каде нашите студенти извршуваат практична работа, но и се вработуваат како дипломирани инженери. Постои можност, на нашата веб-страница, компаниите да објавуваат и огласи за практична работа и за кадарот што го бараат. Нашите инженери секогаш наоѓаат работа. Некои менаџери на компании бараат инженери од нас, а вработуваат и студенти од ФЕИТ – изјави продеканот за настава, Христина Спасевска.

Деканот Миле Станковски очекува ФЕИТ да ја потполни државната квота со високо-квалитетни кандидати.

– Бројот на пријавени кандидати, до овој момент, е поголем во однос на минатите години. И квалитетот на пријавени кандидати е висок, затоа што во повеќе од 80 проценти, тие имаат по повеќе од 90 поени – изјави Станковски.


Денеска почнуваат уписите за средните училишта


Скопје, 22 јуни, 2015 - 9:46 (META) 

Денеска почнуваат уписите во средните училишта во Македонија. Првото пријавување од јунскиот уписен рок во јавните средни училишта ќе трае денеска и утре, а резултатите и слободните места ќе се објават на 24 јуни.

Конкурост е објавен на интернет-страницата на Министерството за образование и наука. Во конкурсот се наведени сите слободни места за гимназиите, стручните и за уметничките средни училишта во сите општини. Напишани се критериумите за упис, како и потребните документи.

Вториот уписен рок е на 29 и на 30 јуни, а резултатите ќе се објават на 1 јули. Третиот уписен рок е на 24 август, а училиштата што нема да ја пополнат квотата, ќе можат да запишуваат ученици и до 27 август.