Објавен е конкурсот за упис на студенти на УГД

Првиот уписен рок е во периодот од 21 до 24 август, вториот на 6 и 7 септември, а третиот на 18 и 19 септември

Фото: Универзитет „Гоце Делчев“ (УГД) - Штип (03.10.2022)

Објавен е конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На овој универзитет за академската 2023/2024 година се предвидени вкупно 3.982 слободни места.

Од нив, 2.236 места се предвидени за редовни студенти во државна квота, 976 места се за редовни студенти со кофинансирање, додека за вонредните студенти се предвидени вкупно 770 слободни места на универзитетот.

Првиот уписен рок е во периодот од 21 до 24 август, вториот на 6 и 7 септември, а третиот на 18 и 19 септември. Во табелата подолу можат да се видат датумите и роковите за сите фази од пријавување до запишување на кандидатите.

Проверка на знаењата и умеењата ќе се вршат на неколку студиски програми на Музичката академија, Ликовната академија, Филмската академија и Факултетот за медицински науки.

И годинава во конкурсот за упис на УГД е предвидено ослободување од партиципацијата за студирање во првата година од студиите за неколку од најдобрите студенти кои ќе се запишат во првиот уписен рок како редовни студенти во државна квота, рангирани според постигнат успех од средно образование, кој не треба да е под 80 поени.

Сите студенти запишани во прв, втор и трет уписен рок како редовни студенти во државна квота на студиските програми Македонски јазик и книжевност, Германски јазик и книжевност и Турски јазик и книжевност ќе бидат ослободени од партиципација во првата година.

Инаку, најмногу слободни места – вкупно 880, има на Факултетот за медицински науки, по што следува Факултетот за туризам и бизнис логистика во Гевгелија со 470 студенти и Факултетот за информатика – Штип со предвидени 410 слободни места.

Конкурсот за запишување студенти на УГД со сите потребни информации може да се најде на овој линк.